Daily news
ШК „Алкалоид“ подготвен за Европскиот клупски куп 2017
Европскиот клупски шампион во шах за 2016 година, екипата на ШК „Алкалоид“, и оваа година амбициозно се подготвува за најсилното клупско шаховско натпреварување во светот – ЕКК (Европски клупски куп). Анталија, Турција, е домаќин на годинашниот ЕКК во октомври оваа година. По освојувањето на шампионската (прва) шаховска круна минатата година, пред „Алкалоид“ е нов и сега веќе потежок предизвик. И за оваа 2017 година амбициите се високи – освојување медал, односно пласман меѓу првите три екипи.
Дотогаш екипата на „Алкалоид“ ќе учествува на Eкипниот шампионат на Македонија, од 24 до 30 јули во Охрид. Боите на клубот ќе ги бранат интернационалниoт мајстор Филип Панчевски, велемајсторите Трајко Недев, Звонко Станојоски, Влатко Богдановски, интернационалниот мајстор Дејан Стојановски и велемајсторот Драгољуб Јаќимовиќ, кој воедно е и капитен на екипата.
Во составот, покрај најдобрите македонски шахисти, ќе се борат и четворица велемајстори од светскиот врв, членови и на минатогодишниот шампионски тим, кои во изминатите години веќе беа дел од екипата. На тој начин се негува тимскиот дух на екипата, кој се покажа како многу значаен фактор при минатогодишниот шампионски настап.
Павел Елјанов – актуелен предводник и стандарден член на шаховската репрезентација на Украина со која досега има освоено две олимписки злата и сребро на последната Олимпијада 2016; во 2015 година на Светскиот куп низ систем на меѓусебни елиминации од 128 учесници на стартот стигна до полуфинале, во кое беше поразен од победникот на турнирот, три пати член на шампионска екипа на Европскиот клупски куп (2009, 2010 и 2016). Со својата сигурна игра, како еден од најуспешните, на ЕКК 2016 освои бронзен медал за индивидуален резултат на трета табла (4,5 поени од 6 партии).
Дмитриј Андрејкин – член на Руската шаховска репрезентација; светски јуниорски првак за 2010 година и Шампион на Русија за 2012 година, три пати член на шампионска екипа на Европскиот клупски куп (2009, 2010, 2016). На ЕКК 2016 играше на втора табла, при што освои значајни 4,5 поени од 7 партии, без пораз!
Дмитриј Јаковенко – член на Руската шаховска федерација; европски шампион за 2012 година; светски јуниорски првак до 18 години во 2001 година; првак на Европскиот екипен шампионат за 2007 година и носител на сребрен олимписки медал за 2012 година, два пати златен медал за индивидуален резултат на олимпијада (2008 и 2012), три пати член на шампионска екипа на ЕКК (2005, 2006, 2016). На ЕКК 2016 играше сигурно на четврта табла, при што освои 3,5 поени од 6 партии.
Јуриј Криворучко – член на шаховската репрезентација на Украина, со која освои сребрен медал на Олимпијадата 2016 година; шампион на Украина за 2013 година и континуирано член на ШК „Алкалоид“ во последните 6 години. Секогаш максимално подготвен и мотивиран кога настапува за екипата на „Алкалоид“, во 2015 година освои сребрен медал за индивидуален резултат на Европскиот клупски куп, а во 2016 година освои 5 поени од 7 партии.
Како еден од неколкуте најуспешни клубови во историјата на македонскиот спорт и најсилен шаховски клуб во Македонија, ШК „Алкалоид“ претставува и главен столб на државните репрезентации. Функционирајќи континуирано под водство и спонзорство на акционерското друштво „Алкалоид АД“ – Скопје, клубот во 2016 година на најдобар начин прослави 40 години од своето постоење крунисувајќи го со највредниот светски клупски трофеј!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.