Daily news
Експертска група бара решение кој да ја контролира работата на вработените во МВР
Во насока на реализација на обврските утврдени во Планот на Владата „План 3-6-9“, државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска во Министерството за внатрешни работи одржа работна средба со членовите на работната група формирана во рамки на Проектот на Совет на Европа „Јакнење на почитување на човековите права при полициското постапување“. На состанокот присуствуваа и директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски и заменик на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сиљан Аврамовски.
Работната група во која членуваат претставници од МВР, Министерството за правда, Јавното обвинителство на Република Македонија, Народниот правобранител , судија на Врховниот суд, претставници од експертската и научната јавност, како и од граѓанскиот сектор, со техничка подршка на Советот на Европа, во изминатиот период ги разгледуваше модалитетите за воспоставување на надворешниот механизам за контрола на работата на полицијата, како дополнителен механизам на постоечкиот механизам за внатрешна контрола. Потребата од воспоставување на независни, ефикасни и навремени механизми за контрола на работата на полицијата е констатирана во мноштво документи и извештаи, како од Европскиот суд за човекови права,Советот на Европа, Европската Комисија, меѓународните организации и националните невладини организации за заштита на човековите права.
На состанокот Несторовска го презентираше единствениот и усогласен став на Министерството во однос на предложениот модел за воспоставување на надворешен механизам за контрола врз работата на полицијата, предложен од страна на работната група формирана во рамки на Проектот на Советот на Европа. Во конструктивна дискусија на согледување на позитивните и негативните аспекти на предложениот модел утврдени се заедничките позиции во однос на моделот за воспоставување на надворешниот механизам за контрола на работата на вработените во МВР со полициски овластувања и затворската полиција, со посебен акцент на потребата да се утврдат одговорностите на сите инволвирани субјекти во процесот на воспоставување на надворешниот механизам. МВР ја презема обврската да ја информира Владата за изборот на моделот на надворешниот механизам усогласен со експертската група и дефинираната законска рамка за негово етаблирање, соопшти министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.