Daily news
ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи договорот со Бугарија и покрај големата желба
Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека и покрај големата желба и искрена волја, партијата нема да биде во можност да го поддржи договорот со Бугарија.
На синоќешната седница, членовите на Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ оцениле дека е добро да се потпише Договор за добрососедство со Бугарија, заради зацврстување на соработката и пријателството меѓу државите и заради најавата на Бугарија дека поцврсто би го поддржала патот на Република Македонија кон полноправно членство во НАТО и Европската Унија.
„Од овие причини во времето кога ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше Владата на Република Македонија, низ повеќе години водеше преговори за усогласување на текстот на договорот, активност која беше завршена освен за неколку прашања за кои не беше постигнат договор и се бараше взаемно прифатливо решение, се до моментот кога се постави новата марионетска влада во Република Македонија. Овие незатворени прашања се однесуваа на: барањето на Република Македонија како и во сите други договори на Република Македонија и Република Бугарија со сите други земји, да изостанат зборовите „согласно уставот“ кога станува збор за македонскиот јазик, со што ќе се отстранат наводите дека Република Бугарија дури 72 години по кодификацијата на македонскиот јазик, во 21-виот век не го признава македонскиот јазик и го смета за дијалект на бугарскиот, барањето на Република Бугарија за промена на учебниците по историја во Република Македонија со која де-факто македонската историја, македонските историски личности и настани ќе се претстават како дел од историјата на Република Бугарија, со што во целост во учебниците во училиштата за следните генерации ќе се избрише македонската историја и ќе се формира комисија во овој правец за следење на спроведувањето на оваа одредба, инсистирањето на Република Бугарија да стои во договорот дека Република Македонија и Република Бугарија имаат заедничка историја со заднина да се потврди тезата дека македонската историја е бугарска, што води кон тоа дека и Македонците се измислена нација од 1944 година наваму, и во тој контекст и барањето за заедничка прослава на историските настани и личности кои се автохтоно македонски како Илинденското востание, на пример и одредби во договорот со кои Македонија еднострано би се откажала од грижата за македонското национално малцинство во Бугарија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму велат дека ниту една од конструктивните забелешки на ВМРО-ДПМНЕ не е прифатена и сите спорни точки од договорот се прифатени согласно ставовите и позициите на Република Бугарија.
„Оттука, доколку работите останат вакви, Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека и покрај големата желба и искрена волја, ВМРО-ДПМНЕ нема да е во можност да даде поддршка на овој договор во Парламентот на Република Македонија“, велат од таму.
Од партијата сметаат дека со сегашните одредби на овој договор, можеби не веднаш, но по една и повеќе години од неговото потпишување, во времето на неговото спроведување, Република Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми, чие решавање ќе биде на штета на Република Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ жали, како што велат, што двете преговарачки страни одлучија набрзина, без инклузивност на сите политички фактори и стручната фела и неземајќи ја предвид волјата на македонскиот народ да се склучи овој договор, со тоа ставајќи ја ВМРО-ДПМНЕ во позиција да не го поддржи договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.