Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ крати од животот на децата на кои им е потребна климатска рехабилитација
Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставува, како што вели, на срамната одлука на Министерството за животна средина да ја укине рехабилитацијата на децата од Велес, Илинден, Осломеј и од Возарци, која е последица од повеќедецениското загадување на животната средина во овие места.
„Крајно дрско и безобразно е СДСМ да ги лаже граѓаните дека во ребалансот на буџетот за 2017 година се кратело од луксузи, а од друга страна, си поигрува со здравјето на многу деца што имаат последици, односно респираторни проблеми од работењето на топилницата, „Окта“, ТЕЦ „Осломеј“ и „Фени“. Не се крати од луксуз, се крати од здравјето на децата. Ова е вистинското лице на СДСМ. Со цел да обезбедат повеќе средства за партиските вработувања, кои наголемо ги спроведуваат во секоја државна институција, посегнаа по здравјето на голем број дечиња на кои им беше неопходна оваа климатска рехабилитација, која веќе 15 години се спроведуваше на Пелистер“, се вели во реакцијата.
Климатската рехабилитација се одвиваше со цел и обид за закрепнување на децата што се соочуваа со респираторни проблеми и таа беше поздравена и оценета како многу успешна од страна на родителите на децата и медицинските лица. „Средства за климатска рехабилитација која требаше годинава да се одржи 16-ти пат беа обезбедени со буџетот за 2017 година, но сега СДСМ со ребалансот ги укина овие средства со што ги остави овие деца и нивните родители на милост и немилост. Ова што го прави СДСМ не е кратење од некаков си луксуз, туку кратење од животот на овие деца. Ова претставува демонстрирање крајно неодговорно однесување на Министерството за животна средина и на Владата предводена од СДСМ. Зоран Заев и СДСМ, наместо да го вратат животот како што ветуваа, тие секојдневно го кратат животот на граѓаните“, е ставот на пратеничката група.
Тие најавуваат дека ќе ја следат ситуација и дека им стојат на располагање на родителите на децата што беа опфатени со оваа рехабилитација за каква било помош, што би значело повторно државата да си ги преземе обврските за лекување на овие деца.
„Апелираме до Министерството за животна средина сериозно да ја преиспита оваа крајно нехумана одлука и да обезбедат средства како што беа обезбедени во изминатите 15 години овие деца да продолжат со климатските рехабилитации, во спротивно најостро ќе се спротиставиме и ќе се бориме Владата на СДСМ да не мисли само како да ги вработи своите партиски војници, туку, конечно, да почне одговорно да се однесува кон сите категории граѓани“, се додава во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.