Европа
Стрелков: Украина намерно ја уништува инфраструктурата

Украинската војска намерно ги уништува инфраструктурните објекти во градовите на самопрогласената Народна Република Донецк, оставајќи ги жителите без основни средства за живот, изјави ткн министерот за одбрана на „републиката“, Игор Стрелков.
Тој во интервју за Првиот републички ТВ канал истакнал дека е уверен оти украинската војска намерно ја избрала оваа стратегија, исто како што претходно тоа го направила и со Славјанск и Краматорск, каде биле гаѓани станбени населби, фабрики и индустриски претпријатија.
„Тие сакаат да ја уништат што е можно повеќе инфраструктурата. Да ги остават луѓето без работа, без места за живеење и други лични работи. Нивната задача е да ги примораат луѓето да бегаат, оставајќи ги без средства за живот, дури и откако воената акција ќе заврши“, нагласил Стрелков.
„Верувам дека сегашните високи украински државни и воени лидери нема многу да размислуваат истото да го направат и со Донецк“, уверува Стрелков.
Истакнал дека Донецк презема итни мерки и подготовки за борба и ја истакнал потребата од мобилизација и вооружување на луѓе.
„Ние не можеме да се бориме со половина сила. Не можеме да се надеваме дека некој кој е бројно со многу помали сили и мали средства може да успее да ја одбрани републиката“, потенцирал Стрелков.
Министерот за одбрана на Народна Република Донецк нагласил дека неопходни се мерки за „сериозна мобилизација“, но дека за жал „средствата за тоа, првенствено за оружје и муниција“ моментално недостасуваат.
„Сепак, ние ќе можеме да вооружиме, опремиме и обучиме неколку илјади доброволци“, рекол Стрелков и додал дека верува дека оти 80 илјади луѓе би биле доволни за да се запре украинската војска.
Стрелков соопштил дека од овој месец борците кои ќе прифатат да се борат на нивна страна ќе бидат исплаќани со „сериозни суми“ кои ќе се движат од 15 илјади до 23.500 рубљи и дека со тоа сакаат „да придонесат луѓето кои се неодлучни“ на овој начин да им се приклучат во борбите./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Телото на папата Франциско денеска ќе биде преместено во базиликата

Телото на папата Франциско утрово ќе биде пренесено во базиликата Свети Петар. Церемонијата започнува во 9 часот, соопшти Ватикан.
Телото на папата моментално е положено во ковчег во капелата на Домот Света Марта, каде што живеел за време на неговото папство.
Ватикан вчера соопшти дека погребот на папата Франциско ќе се изврши во сабота во 10 часот на плоштадот Свети Петар. Тој ќе биде погребан во базиликата Света Марија Велика во Рим.
На последното збогување ќе присуствуваат стотици илјади верници, како и странски лидери како американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Европа
Путин призна дека Русија напаѓа цивилни цели во Украина, го обвини „киевскиот режим“ дека користи жив штит, објави Медуза

Владимир Путин во понеделникот призна дека Русија повеќе пати напаѓала цивилни цели во Украина, тврдејќи дека цел на овие напади биле украински војници и воена инфраструктура лоцирани во станбени и комерцијални области, пренесува Медуза.
Во изјава за новинарот на државната телевизија Павел Зарубин, рускиот претседател директно се осврна на рускиот напад на 13 април во центарот на Суми, во кој загинаа најмалку 35 луѓе, а повеќе од 125 други беа повредени. Путин рече дека нападот бил насочен кон украинските војници собрани тоа утро за да им бидат врачени награди за нивното учество во упадот во рускиот регион Курск:
„На пример, сите знаат за нападот на нашите вооружени сили врз Конгресниот центар на Универзитетот Суми. Дали е тоа цивилен објект? Да. Но, таму одржуваа церемонија на доделување награди за оние што извршија злосторства во регионот Курск – и членови на украинските вооружени сили и националисти. Тоа се луѓе кои ги сметаме за криминалци и кои заслужија одмазда за нивните дејствија, вклучително и во граничниот регион. Но, дали е тоа цивилен објект или не, режимот во Киев ги користи овие цивилни објекти“.
Во неговиот разговор со Зарубин, Путин ги спомна и претходните руски напади во Одеса врз земјоделската инфраструктура, тврдејќи дека украинските власти „заедно со нивните странски ментори“ развиваат и тестираат нова ракетна технологија на локацијата.
Дополнително, Путин опиша напад врз ресторан во кој наводно се собирале воени злосторници – очигледно упатување на рускиот напад на 4 април во станбена област Криви Рих, во кој загинаа најмалку 20 цивили.
Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.