Регион
Гневни бугарски камионџии пробија блокади на границата со Грција
Четворица бугарски возачи на камиони во вторникот ги пробија препреките коишто ги поставиле грчките возачи на камиони по должината на границата меѓу двете земји, велејќи дека им е преку главата од грчките демонстранти кои со седмици ги блокираат патиштата поради најавените промени во грчкиот пензиски систем, а бугарските возачи остануваат на грчките патишта блокирани без вода и храна.
Грчките демонстранти последните три седмици зачестено ги блокираат патиштата кон Бугарија и кон Македонија, како и ширум Грција, протестирајќи поради реформите на пензискиот фонд поради кои за трипати во следните четири години ќе бидат зголемени издвојувањата за здравственото пензиското осигурување.
Овој потег е дел од пошироките реформи со кој грчкиот пензиски систем во 2016 година треба да заштеди околу 1,8 милијарди евра и е клучен услов за исплата на третиот пакет финансиска помош во износ од дополнителни 86 милијарди ера во согласност со договорот што владата во Атина го потпиша со меѓународните доверители.
Претседателот на грчкото здружение на земјоделците, Јанис Туртурас, на граничниот премин меѓу Бугарија и Грција од грчка страна изјави дека преминот бил отворен само половина час во последните 48 чада, што резултира со колона камиони долга најмалку 15 километри.
„Сношти беше добра ноќ за нас. Четири до пет возачи на камиони се обидоа со возилата да ги пробие блокадите. Возеа како луди. Дири полицијата се обиде да ги запре со истрели во воздух“, изјави за грчките медиуми на Туртурас.
Еден од возачите на камиони кој успеал да ја пробие блокадата, за бугарските медиуми изјави дека станува збор за „спонтана одлука“ бидејќи биле блокирани повеќе денови.
Агенцијата БГНЕС пренесува дека околу илјада бугарски возачи на камиони ја блокираат бугарската страна од границата кај преминот „Кулата“ и најавуваат дека таму ќе останат сè додека не биде отстранета блокадата од грчката страна.
Незадоволните бугарски возачи бараат да бидат деблокирани нивните колеги од грчката страна на границата, а на неа да дојдат премиерите на Бугарија и на Грција, како и и претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.
Официјална Софија веќе ја повика Атина да обезбеди транзитен коридор за камионите, и упати жалба до Брисел обвинувајќи ја Грција дека го спречува слободното движење на луѓе и стоки.
„Испративме писмо до Европската комисија којашто ќе покрене постапка против Грција, бидејќи не ги применува законите на Европската унија“, изјави во вторникот шефот на бугарската дипломатија Даниел Митов додавајќи дека Грција може да биде казнета./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Тешка пневмонија комплицирана од хроничните болести на Дачиќ: „Шеќерот му беше 20“
Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ (60) е во тешка состојба на Клиниката за пулмологија при Клиничкиот центар на Србија, каде што е на респиратор поради тешка билатерална пневмонија. Неговата состојба е дополнително комплицирана од хронични заболувања, вклучувајќи дијабетес и срцеви проблеми, кои се опасни по живот, пишува Блиц.рс.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека состојбата на министерот Дачиќ е малку подобра, но предупреди дека е неблагодарно да се даваат прогнози.
„Параметрите се малку подобри, но е неблагодарно да се даваат прогнози. При движење, неговата сатурација на кислород во крвта се намали, но сите важни параметри сега се малку подобри. Можеме само да се надеваме и да веруваме дека ќе биде добро“, рече Вучиќ. Тој додаде дека Дачиќ „има и некои други болести, што ги комплицира работите“.
Помошникот директор на Клиниката за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера попладне ја потврди сериозноста на ситуацијата.
„Состојбата на Дачиќ останува тешка и сериозна. Медицинскиот тим што се грижи за него вложува огромни напори и ние се бориме првенствено за подобрување“, рече Попевиќ, додавајќи: „Прерано е да се зборува за било што. Третманот продолжува според сите постулати на модерната медицина за интензивна нега“.
Министерот Ивица Дачиќ претходно јавно во неколку наврати зборуваше за сериозните здравствени проблеми со кои се бори со години.
Во март минатата година, тој призна под каков притисок работи и отворено зборуваше за тоа колку е исцрпен и како нивото на шеќер во крвта драстично му се зголемило поради сè. „Знаете, вчера мојот шеќер беше 20. Сето ова може да трае, но не долго. Денес е околу 15, и покрај сите лекови што ги земам. Што можам да правам, не можам да се жалам“, рече Дачиќ тогаш.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.

