Утре во 17.30 часот започнува централната прослава за Денот на независноста на Македонија. Музичарите што ќе настапат на прославата со свои пораки им го честитаа празникот на граѓаните на Република Македонија и ги повикаа заедно да го прослават Денот на независноста.
„Групата „Љубојна“ првпат настапува на еден ваков голем празник, празник што на сите ни значи и со радост и со љубов си го носиме во срцето. Музиката отсекогаш била таа што имала главен акцент во целиот културен мозаик на Македонија. Тоа е нешто што најмногу е поврзано со слободата на изразувањето, со човековата слобода“, изјави денеска Вера Милошевска од групата „Љубојна“.
„Со драго срце ја прифатив поканата да бидам дел од овој музички хепенинг. И како би можеле поинаку да го прославиме денот на државноста ако не со добра музика. Им го честитам Денот на државноста на сите граѓани на Република Македонија“, рече Бени Шакири од групата „Нон стоп“.
Влатко Стефановски, кој по долго патување и настапи надвор од Македонија, вели дека е среќен што повторно ќе настапува на Денот на независноста и потсети дека тој исто така настапувал на прогласувањето на независноста во 1991 година.
„Би сакал да ве поздравам, да ви го честитам празникот 8 Септември и драго ми е што со еден ваков концерт, голем рок-концерт, го одбележуваме празникот. Тоа зборува за едно ново чувство, за еден нов дух кој во моментот е присутен во Македонија“, изјави Стефаноски.
На централната прослава ќе настапат повеќе музички изведувачи: „Биг бендот“ на Здружението на џез-музичарите на Македонија, „Љубојна“ со специјалниот гостин Џамбо Агушев, Бени и „Нон стоп“ со специјалниот гостин Златко Ориѓански, Влатко Стефановски трио, „Кпурдат“ од Тетово, Шутка Рома рап и хип-хоп артистот Слаткар.
Во рамките на централната прослава предвидено е да се обрати и претседателот на македонската Влада, Зоран Заев.