Европа
Осомничената терористка од Париз се наоѓа во Сирија
Осомничената за учество во терористичките напади во Франција изминатите денови, Ајат Бумедиен, ја минала границата меѓу Турција и Сирија уште на 8-ми јануари, објави во саботата радиото RTL, а низ цела Франција во саботата се собраа повеќе десетици луѓе во поворките во сеќавање на жртвите во нападите од претходните три дена.
Според информациите на радиото таа на 2-ри јануари резервирала авионски билет од Мадрид за Истанбул. Според тоа, Ајат Бумедиен тешко дека можела да биде директно вклучена во злосторствата коишто се одиграа во француската престолнина Париз уште од средата следните неколку денови.
Осомничената 26-годишна соучесничка на Ахмад (Амеди) Кулибали, осомничен за убиството на полицајката во квартот Монруж во четвртокот и за заложничката криза од петокот во 20-от арондисман на Париз во кошер супермаркет кога беше убиен, Бумедиен во моментов според медиумите е „најбараната жена на територијата на Франција“.
Во трите дена насилство во Париз во најлошиот напад врз француската внатрешна безбедност кој започна во средата со нападот врз редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo, загинаа 17 лица без тројцата напаѓачи кои беа исто така убиени. Оваа криза заврши во петокот со полициските операции врз печатницата во гратчето Демартен-ан-Гоел во која беа сокриен браќата Саид и Шариф Каши, и Ахмад Кулибали во кошер продавницата во Париз. Дванаесет лица беа убиени во средата во редакцијата на Charlie Hebdo од кои двајца полицајци, млада сообраќајна полицајка загина во четвртокот, а четири заложници беа убиени во заложничката криза во продавницата во петокот.
Француските безбедносни сили во петокот и натаму немаат официјални сознанија каде се наоѓа Бумедиен чијашто фотографија целосно замотана во зар од кој ѝ се гледаат само очите се прошири низ социјалните мрежи. Фотографијата е сосема поинаква од онаа што ја објави весникот Le Monde на барање на француската полиција која покажува млада жена со темна коса и речиси детско лице, којашто во 2010 година била испрашувана од полицијата во врска со нејзиниот партнер.
Ајат Бумедиен се сомничи дека директно е вклучена во убиството на полицајката во четвртокот во Монруж, на јужната периферија од Париз, како и во заложничката криза во кошер супермаркетот во петокот.
Пет лица и натаму остануваат во притвор во врска со споменатите напади, пишува дневниот весник Le Monde. Нивните идентитети не се соопштени.
Во меѓувреме терористичката организација Ал Каеда на Арапскиот полуостров (AQAP) чиешто седиште е во Јемен, ѝ се закани на Франција со нови напади доколку не престане да се бори против исламот и неговите симболи. „Нема да бидете сигурни додека се борите против Алах и неговите пратеници, како и против верниците“, порача верскиот водач на AQAP, Арит ал-Надари во видео порака.
Повеќе десетици илјади луѓе во саботата во тивките поворки се присетија на 17-те жртви. Во По во југозападниот дел од Франција имало најмалку 30 илјади лица во поворката, а во Орлеан повеќе од 22 илјади, додека во Ница околу 23 илјади луѓе.
Во саботата во француската престолнина и натаму се забележливи засилени полициски патроли, а на сила и натаму е највисокото ниво на антитерористичка подготвеност, пред неделното собирање на големата поворка на којашто ќе присуствуваат покрај францускиот државен и политички врв и челниците на Европската унија и на повеќе европски земји./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Снег, дождови и силни ветрови предизвикуваат проблеми низ Европа
И денеска во Европа различни екстремни временски услови создаваат големи проблеми: снег и откажани летови во Холандија, забрана за товарен сообраќај во североисточна Франција, отежнат сообраќај на траектите во Грција и жолто предупредување во Велика Британија за снег, обилни дождови и силни ветрови.
Холандија
Невремето денеска предизвикува откажување и одложување на летови на аеродромот Шипхол во Амстердам – четири летови се откажани, а четири се одложени. Железничкиот сообраќај исто така е погоден: пријавени се задоцнувања на повеќе линии, додека сообраќајот меѓу Мастрихт и Лиеж е запрен до утре вечер. Снежните врнежи се очекуваат прво во северните, централните и источните покраини, а потоа постепено ќе преминат во дожд.
Франција
Околу 700 возачи на камиони се заглавени на автопатот А36 на североистокот и на RN57 во департманот Дуб и Жира, поради снежните врнежи кои го погодија источниот дел од земјата. Патиштата се затворени за возила над 3,5 тони до утре. Минатата ноќ работеле само машини за чистење снег, а Црвениот крст им доставил храна за возачите на камиони.
Грција
Траектите денеска постепено продолжуваат со сообраќај, откако ветровите попуштиле. Повеќето линии започнале нормално да пловат од раното утро, особено од пристаништето Пиреј. Сепак, властите предупредуваат дека рути можат да бидат откажани поради брзо менливите временски услови. Снежни врнежи се очекуваат во северните и планинските области, а се прогнозира и нагло намалување на температурата.
Велика Британија
Во многу делови на земјата е во сила жолто предупредување за снег, силни ветрови, мраз, обилни врнежи и поплави. Ова се однесува на централна и североисточна Шкотска, од северно од Глазгов до Абердин, и е во сила до 14:00 часот денеска. Метеоролозите најавуваат можни силни дождови, силни ветрови и снег, но со благо зголемување на температурите.
Германија
По неколкудневната зимска бура „Ели“, ситуацијата денеска се подобрува. Метеоролошката служба ги укина претходните предупредувања за обилни врнежи. Снежните врнежи до вчера предизвикуваа откажување на возови, пролизгување на автомобили и опасен мраз на патиштата.
Европа
Студ, снег и мраз ја погодија Европа: 34.000 домаќинства без струја во Британија, Франција под портокалов метео-аларм
Метеоролозите предупредуваат дека Велика Британија треба да се подготви за нов бран студено време, снег и мраз за време на викендот, по силната бура „Горети“ што ја зафати земјата.
За поголемиот дел од Британија е издаден жолт метео-аларм за снег и мраз.
Бурата „Горети“ во петокот донесе обилни врнежи од дожд и снег, како и силни ветрови низ голем дел од земјата, поради што десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Според податоците на Националната електрична мрежа, околу 34.000 домаќинства на југозападот на земјата биле без струја околу 22 часот синоќа.
Силниот ветер соборувал дрвја, а дел од воздушниот сообраќај бил сериозно нарушен. Авиокомпанијата „Бритиш ервејз“ откажа околу 50 летови – 25 поаѓања и 27 слетувања на аеродромот „Хитроу“ во Лондон. Аеродромот во Бирмингем делумно ја затвори пистата и ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови.
Поради лошите временски услови, затворени беа и бројни училишта – повеќе од 250 во Шкотска, над 150 во регионите Абердиншир, Мидлендс и Велс, како и во Северна Ирска.
Лошото време ја погоди и Франција. Националната метеоролошка служба „Метео Франс“ утрово стави шест департмани под портокалов метео-аларм поради снег и голомразица. Се најавуваат снежни врнежи од пет до 10 сантиметри, а возачите се предупредени на опасни и лизгави патишта.
Според француските власти, станува збор за изразен снежен бран кој може да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, особено во североисточниот дел од земјата. Температури под нулата, снег и силни налети на ветер беа причина за прогласување зголемена состојба на подготвеност.
Снежниот бран пристигнува од правец на Германија и земјите од Бенелукс, во зона погодена од остатоците на бурата „Горети“. Снегот ќе паѓа и на пониски надморски височини, од 200 до 300 метри.
Се очекува снежната покривка да достигне од седум до 10 сантиметри на височини од 300 до 400 метри, од 10 до 20 сантиметри меѓу 400 и 500 метри, додека во повисоките планински предели локално може да достигне и до 40 сантиметри.
Властите упатија апел до возачите на максимална внимателност, бидејќи во текот на ноќта од сабота кон недела се очекува дополнително опаѓање на температурите и зголемен ризик од создавање мраз на коловозите.
Европа
Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека закупот на живеалишта се зголемил за 21,1%, покажуваат податоците на Евростат.
Додека кириите бележат стабилен раст без поголеми турбуленции, цените на становите имале осцилации, со периоди на застој и фази на екстремно брз раст.
Унгарија рекордер по поскапување
Кога се набљудуваат поединечни земји, Унгарија е апсолутен рекордер по поскапување, со раст на цените на становите од 2015 година од дури 275%.
Покрај Унгарија, цените се повеќе од удвоени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминал 150%.
Единствена земја со поевтини станови
Финска е единствената земја каде цените на недвижностите денес се пониски отколку пред десет години, со благо намалување од 2%.
Во наведениот период, зголемување на станарините е забележано во сите членки на ЕУ, а најтешка е ситуацијата во Унгарија, каде кириите се зголемени за 107%, односно повеќе од удвоени.
Висок раст на трошоците за домување е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде станарите се соочуваат со поскапувања од над 70%, објави Евростат.

