Daily news
Професори од Стоматолошкиот факултет бараат оставка од в.д. деканката Мирјана Поповска
Професори од Стоматолошкиот факултет испратија отворено писмо до в.д. деканката Мирјана Поповска во кое бараат нејзина оставка. Тие велат дека неjзиното назначување било незаконско и неправилно, а тоа го потврдил и Државниот просветен инспекторат.
Исто така, професорите во отвореното писмо наведуваат дека за 4 месеци, колку што Поповска ја извршува функцијата, таа не успеала да одржи ниту една седница на Наставно-научниот совет, како и на деканатската управа.
„Прво, не успеавте да одржите ниту една седница на Наставно-научниот совет. Минатата недела Ви пропадна и третиот обид да одржите седница на овој орган на факултетот, но како и претходните пати, немавте кворум за работа. И покрај сите притисоци врз дел од нашите колеги, не успеавте да обезбедите ни просто мнозинство. Уште на почетокот на Вашиот мандат Ве известивме дека нема да присуствуваме на седниците со кои раководите. Второ, не успеавте да одржите ниту една седница на деканатската управа. Се обидовте и да го смените и нејзиниот состав. Назначивте три в.д. продекани, но и тоа не помогна за да обезбедите просто мнозинство. Следуваше и предвремено прекинување на мандатот на постојните раководители на катедрите. Дури, назначивте в.д. раководители. Но, кога Ве предупредивме дека оваа Ваша активност е спротивна на актите на Универзитетот, ги поништивте донесените решенија“, се вели во писмото.
Професорите во него наведуваат дека не функционира ниту еден постојан одбор, совет и комисија на факултетот, како и тоа дека Поповска не успеала да формира комисија за упис на студенти.
„Во речиси 60-годишното постоење на Стоматолошкиот факултет првпат, и тоа кога Вие сте в.д. декан, беше доведен во прашање уписот на студенти. Дали од незнаење или поради несовесно работење задоцнивте со формирањето на оваа комисија. Мораше Ректоратот да интервенира и да ги запише студентите што се пријавија на конкурсот. За жал, нашиот факултет е единствениот што не формира комисија за упис на студенти“, пишува во отвореното писмо.
Професорите ја обвинуваат Поповска дека не ги спровела и активностите за почнување на новата учебната година и дека не утврдила распоред за изведување теоретска и практична настава.
Во писмото се наведува дека за четири месеци Поповска двапати била на стручно усовршување во странство.
„Успеавте и да присуствувате на студентскиот конгрес што го организира Студентскиот парламент при Стоматолошкиот факултет. Но, и пред нив премолчивте дека бевте потписник на контрапленумот и дека Ви е многу жал што нема да Ви поминат ‘реформите’ за кои се залагавте со контрапленумците“, пишува во писмото.
Професорите наведуваат дека Поповска останала глува на нивните барања професорот Ќиро Ивановски да биде назначен за декан на факултетот.
„Отворено Ве прашуваме проф. Поповска: Кого и што слушате? Зарем уште не сте свесни дека мнозинството професори, асистенти, научни соработници и студенти бараат проф. Ивановски да биде декан на Стоматолошкиот факултет? Не гледате ли дека го доведовте во прашање функционирањето на факултетот? Не гледате ли дека го загрозивте наставно-образовниот процес? Свесни ли сте дека сте учесник во погазувањето на автономијата на нашиот факултет?“, прашуваат професорите.
Тие во писмото наведуваат дека нема да учествуваат на избори за нов декан на факултетот затоа што тие го избрале Ќиро Ивановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.