Daily news
Обезбеден училиштен прибор за 150 деца од социјално загрозени семејства
Во неделата, 10 септември, Градскиот парк беше збирно место за забава, многу детски насмевки, убаво расположение, дружење и најважно од сè – хуманост на дело. Повеќе стотици граѓани и познати македонски естрадни имиња го искористија убавото сончево попладне и активно мрдаа со прст во рамките на хуманитарниот хепенинг „Мрдни со прст – Донирај училиштен прибор“.
Акцијата која беше во организација на Националниот младински совет на Македонија, Меѓународниот сојуз – Скопје и Агенцијата за млади и спорт, во рамките на кампањата „Мрдни со прст“ резултира со масовен одѕив кај хуманите граѓани и компаниите, при што беа собрани донации што ќе ги задоволат основните потреби за следење на наставата на 150 деца од социјално загрозени семејства од 6 општински подрачни училишта на територијата на град Скопје, меѓу кои и Домот за деца без родители „11 Октомври“ и во училиштето за деца со посебни потреби „Златан Сремец“.
„Тимот на Меѓународниот сојуз – Скопје е среќен што собраниот училиштен прибор е над нашите првични очекувања. Собравме над 400 тетратки, голем број блокови, над 80 ранци и голема количина друг училиштен прибор. Им благодариме на сите што дојдоа и донираа. Покажавме дека можеме и знаеме како со малку да им помогнеме на оние на кои им е повеќе од неопходно“, изјави Бојан Јовановски, претседател на Меѓународниот сојуз – Скопје.
Во рамките на двочасовниот хуманитарен хепенинг присутните се забавуваа со голем број македонски познати личности, меѓу кои Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Викторија Лоба, Биг Мама, диџеј Гоце Саф, Мартија Станојковиќ, хип-хоп групата „Битрикс“, Лила Стојановска, Марко Новески и уште многу други, кои едногласно ги потврдија своите искрени намери за подигнување на општествената свест за горливите проблеми со кои се соочуваат овие семејства.
Во оваа голема хуманитарна иницијатива за донација на училиштен прибор за дечињата од социјално загрозени семејства активно учество земаа и Сојузот на извидниците на Македонија и Организацијата на жените на општина Свети Николе, кои организираа собирни пунктови за училиштен прибор во Кочани, Прилеп, Велес и во Свети Николе, а кои потоа ќе бидат доделени на дечињата и семејствата од соодветните градови.
Оние што живеат во Куманово и регионот, а би сакале да донираат училиштен прибор, тоа може да го сторат во текот на следните два дена, и тоа: на 13 септември во СОУ „Наце Буѓони“ во периодот од 10 до 14 часот и на 14 септември во гимназиите „Сами Фрашери“ и „Гоце Делчев“ во периодот од 10 до 14 часот на пунктовите на Центарот за интеркултурен дијалог. Хуманите граѓани на Кичево ќе може да го дадат својот придонес на пунктот на Извидничкиот одред „Мирко Милески“, кој ќе биде поставен на 15 септември во периодот од 12 до 15 часот пред „Соколаната“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.