Daily news
Македонски режисер работи со југословенската ѕвезда Петар Божовиќ
Со премиерната изведба на претставата „Ноќ”, во режија на македонскиот режисер Андреј Цветановски, а според текстот на црногорскиот писател Александар Радуновиќ, денеска во Кралскиот театар „Зетски дом“ во Подгорица ќе биде отворен фестивалот „МИТ 2017″.
Актерскиот ансамбл, кој го сочинуваат легендарниот српски актер Петар Божовиќ, како и Ана Вујошевиќ, Никола Перишиќ и Марко Тодоровиќ, на сцената ќе ја оживее приказната за едно семејство, сместена во една ноќ. Тоа е приказна за една љубов, растурена и изгубена, и за едно промашено време во животот.
„Приказната за растурање на семејството е локална, но исто така и светска тема. Радуновиќ напиша одличен текст. Ова е приказна за судирот на старата традиција и новото време, а во тој баланс се наоѓа уметноста на живеењето на Балканот. Како да се пронајдеме во тој раскол од она што било и што доаѓа. Имав можност да работам со еден од најголемите актери на Балканот, Петар Божовиќ, како и со помладите црногорски актери Никола Перишиќ, Ана Вујошевиќ и Марко Тодоровиќ”, вели Цветановски.
Авторот Александар Радуновиќ пред премиерата изјави: „Сигурен сум дека семејството, поточно она што значи да се расте и живее во таква заедница, во голема мера го одредува човекот, па не изненадува што многу великани на драмата од Есхил, Софокле и Еврипид, преку Шекспир и Молиер, до Ибзен, Чехов и многу други, се занимавале токму со феноменот на семејните врски. По сè, човечкиот воајерски импулс обично е насочен кон оние најинтимните и добро скриени настани во животот на еден човек, па се чини дека архетипските слики на врската: мајка-ќерка, татко и син, и обратно, во голема мера го одразуваат она што се случува на поширок план кога станува збор за меѓучовечки односи”.
Во претставата „Ноќ”, актерот Петар Божовиќ го толкува човекот кој е на умирање, кој создал имот, но и ја презел целата власт во семејството, со што се одалечил од своите деца. Неговата сопруга и двајцата синови, еден пијаница, а друг избеган од дома поради сексуалната ориентација се жртви на неговите грижи и посветеноста.
Драматург е Божо Копривица, сценограф Сергеј Светозарев, костимограф Лина Лековиќ, а музиката е на Рамбо Амадеус.
По отворањето на фестивалот „МИТ 2017″ (кој ќе трае до 28 септември) со претставата „Ноќ”, која ќе има и репризна изведба на 15 септември, следат претставите кои ја одбележаа театарската година во регионот. Публиката ќе ја види „Трудна приказна” на Театар комедија од Скопје, „Отело” и „Ладало” на Народен театар Битола, „Велика биљежница” на Загребачко казалиште младих, а сараевски МЕСС ќе се претстави со претставите „Кокош” и „What is Europe”, а ќе биде прикажан и европски театар преку италијанско-белгиска копродукција на „Антигона”. На ова издание на МИТ ќе бидат одржани три концерти: Стефан Миленковиќ ќе свири со Црногорскиот симфонијски оркестар, а ќе настапи и гитарското дуо Булатовиќ-Никчевиќ, како и Влатко Стефановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.