Daily news
(ВИДЕО) Два милиони евра за реновирање на метеоролошките станици во Демир Капија, Штип и Крива Паланка
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска учествуваше на работилницата во рамки на проектот „Намалување на ранливоста на земјоделството од климатските промени“, поддржан од Организацијата за земјоделство и храна при Обединетите нации (ФАО).
Како конкретни чекори во справување со негативното влијание на климатските промени врз земјоделството, министерот Николовски ги наведе: дефинирање на мерките за прилагодување кон климатските промени и нивно интегрирање во програмите за финансиска поддршка на Министерството и воспоставување соодветен институционален капацитет и негово зајакнување преку серија обуки со што би се овозможило креирање и ефикасно спроведување на политиките за прилагодување кон климатските промени.
При тоа министерот Николовски посочи дека во рамки на „Проектот за намалување на негативното влијание од климатските промени, поддржан од ФАО, веќе се набавени модерни агрометеоролошки станици, кои деновиве ќе бидат инсталирани на три локации: Градско, Кочани и Струмица, а ќе бидат управувани од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во овие три производни региони, каде што се произведуваат стратешки земјоделски култури: градинарски, овошни и ориз, е многу важно редовното следење на временските состојби, а информациите ќе бидат достапни до земјоделците преку новоотворената веб-страница на УХМР, на која покрај временската прогноза и сезонските прогнози, на едноставен и разбирлив начин ќе бидат презентирани и други информации кои им се потребни на земјоделците за преземање соодветни агротехнички мерки“, изјави Николовски.
Воедно министерот истакна дека МЗШВ сериозно се залага за приближување на политиките кон препораките од оваа област. Во таа насока преку Програмата за рурален развој, а земајќи ја предвид сериозноста на влијанието на климатските промени врз земјоделското производство, кое е наша стратешка определба, ќе бидат издвоени два милиони денари за реновирање на метеоролошките станици во Крива Паланка, Штип и Демир Капија.
Со проектот исто така се преземаат активности за поддршка на средните земјоделски училишта кои вклучуваат воведување нови наставни материјали за климатските промени, како дополнување на постоечките наставни програми и обуки за наставниците.
На работилницата беше истакнато дека негативните влијанија на климатските промени претставуваат голема закана за земјоделското производство бидејќи земјоделството е еден од најранливите сектори во економијата во Република Македонија, а притоа се загрозени главните земјоделски региони и стратешките земјоделски култури. Македонија се наоѓа во регионот на Југоисточна Европа каде што се очекуваат големи промени на климата, а со тоа и сериозни последици врз производството на храна. Министерот Николовски посочи дека е неопходно преземање ефективни мерки за ублажување на последиците, што претставува приоритет во идниот период на МЗШВ, поради важноста на земјоделското производство за животот во руралните средини, социјалната сигурност и намалувањето на сиромаштијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.