Daily news
Битола се полни со филмаџии, утре почнува фестивалот Браќа Манаки
Утревечер со македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски, а потоа и со премиерата на бугарско – македонската копродукција „Насоки“ на бугарскиот режисер Стефан Командарев, прв од филмовите во официјалната селекција, почнува програмата на 38. Издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе трае до 30 септември.
Подготвоките за гала отворањето во Центарот за култура во Битола се при крај, градот веќе се полни со филмаџии и почнува да дише со фестивалот.
Пред проекциите на филмовите за отварање, претседателот Ѓорге Иванов, кој е покровител на фестивалот ќе му ја врачи Златната камера 300 за животно дело на годинашниот лауреат кој веќе пристигна во Битола, Пјер Лом, легендарниот француски и светски кинематографер. Вториот добитник на наградата за животно дело, славниот италијански кинематографер, Џузепе Ротуно, заради својата возраст не можеше да дојде во Македонија, но негов претставник ќе ја прими Златната Камера 300 за животно дело на утрешното свечено отворање на фестивалот.
За гала отварањето на фестивалот ќе се одржи и перформанс во режија на Нела Витошевиќ. Кореограф е Искра Шукарова, а ќе настапат актерите Сашко Коцев, Драгана Костадиновска Денис Абдула, танчерот Агим Бафтии и студените од одделот за современ танц при Факултетот за музичка уметност од Скопје. Костимите и сценографијата се на Розе Трајчевска и Влатко Чачоровски.
„Концептот е колаж од неколку сцени од најпозатите сцени од филмовите чиишто кинематографери се годинешните лауреати на фестивалот, Ротуно и Лом. Публиката на свеченото отварање, во Центарот за култура, ќе види перформанс со култни и препознатливи реплики, посветен на двајцата великани на светската кинематографија. Браќа Манаки е најголем и најважен фестивал во државата и мене ми беше и задоволство и предизвик да направам перформанс со кој ќе се слави делото на овие големи имиња“, вели режисерката Витошевиќ.
По свеченото отварање, ќе биде прикажан филмот „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски, кој е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“.
„Крајот на времето е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во киносала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат, преклопуваат и сукобуваат; овој пат на минималистички начин, вели Манчевски.
Филмот „Насоки“, чијшто кинематографер е Веселин Христов, е современа драма чие дејство се одвива во рамките на 24 часа, каде што во шест такси-возила се испреплетуваат судбините на група луѓе – херои од сегашната балканска реалност. Во тоа деноноќие сме сведоци на некои од реалните проблеми, па дури и апсурди на денешното општество на овие простори. Копродуцент на овој филм кој беше прикажан во престижната програма „Извесен поглед“ во Кан, е „Сектор Филм“ на македонските продуценти Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.
На овогодишното издание на Браќа Манаки има 10 различни филмски програми, 13 филмови во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300, меѓународното жири го предводи Пол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка, а членови се: Лука Коасин, кинематографер од Италија, Јани – Петери Паси, кинематографер од Финска, Даријан Пејовски, режисер и сценарист, од Македонија и Ерол Зубчевиќ, кинематографер од Босна и Херцеговина. Фестивалот годинава ќе ги одбележи и големите јубилеи на македонската кинематографија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.