Европа
Лавров: ’Турскиот тек’ ќе ја зголеми енергетската сигурност на Европа
Во Европа во моментов се заинтересирани за новиот гасовод „Турски тек“ кој може да ја зголеми нејзината енергетска сигурност, заштитувајќи ги од проблемите при транзитот на гасот преку некои земји, смета рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој на големата прес-конференција во средата во Москва посочи дека проектот Јужен тек е напуштен поради дискриминаторските ставови на Европската комисија, порачувајќи истовремено дека Русија нема да направи никаква отстапка кон Европската унија без целосното отстранување на санкциите против неа воведени поради нејзината наводна вмешаност во кризата во Украина.
„Го предлагаме алтернативниот (за Јужен тек) проект ткн Турски тек, и за него веќе пројавуваат интерес во Европа и во моментов се водат конкретни дискусии и дебати. Се надеваме дека тој ќе биде реализиран и ќе ја зајакне енергетската сигурност на Европа, осигурувајќи ја од проблеми со оние низ кои транзитира гасот“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Челникот на руската дипломатија со тоа алудираше на проектот за гасоводот кој со заобиколувањето на Украина, всушност нуди непречено испорачување на рускиот природен гас имајќи ги предвид претходните две ткн „гасни војни“ во 2006 и 2009 година меѓу Киев и Москва поради украинското одбивање да ги прифати цените и руското обвинување за поткраднување на гасот наменет за европските корисници вклучително и најновата украинска криза од 2014-та. Русија задоволува околу 30 отсто од европските потреби од гас, а половина од тоа количество одеше преку Украина.
Лавров во средата уште еднаш јасно порача дека ситуацијата со проектот за гасоводот Јужен тек е дека тој е затворен, во прв ред за тоа обвинувајќи ја „дискриминаторските“ ставови на Европската комисија.
Европската унија, којашто ги залади односите со Русија поради нејзиното наводно вмешување во кризата во Украина, изнесуваше низа забелешки за гасоводот Јужен тек кој заобиколувајќи ја Украина требаше да минува под Црното Море и на територијата на ЕУ да влегува преку Бугарија. Брисел тврдеше дека овој проект проценет на 40 милијарди евра, во формата којашто беше понуден, ги кршел европските закони. Европската комисија претходно ја предупредуваше Бугарија да не продолжи со изградбата на Јужен тек, бидејќи проектот не бил усогласен со европските правила, вклучувајќи ја и легислативата позната како „Трет енергетски пакет“.
„Ситуацијата со Јужен тек е јасна: проектот е затворен, за жал, првенствено поради тоа што беше предмет на дискриминаторски однос од страна на Европската комисија“, изјави Лавров на прес-конференцијата во Москва.
За време на посетата на Турција на 1-ви декември, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека проектот нема да продолжи и дека наместо тоа Русија ќе гради гасовод до Турција, наместо до Бугарија, која според него го попречила проектот.
Изградбата на новиот гасовод во Турција по дното на Црното Море беше најавена на 1-ви декември, за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Анкара. Новиот гасовод ќе биде изграден како замена за веќе напуштениот проект Јужен тек, за што Путин објави по разговорите со турската страна, како што рече, поради опструкциите и „неконструктивната позиција“ за негово градење од страна на Европската унија. Овој гасовод требаше, исто така, по дното на Црното Море да ја заобиколи Украина, и да излезе на копното во Бугарија, да минува низ Србија, Унгарија и Словенија до Австрија и Италија.
Веќе истиот ден „Газпром“ и турската компанија „Ботас“ потпишаа меморандум за разбирање за изградба на гасовод преку Црното Море со капацитет од 63 милијарди кубни гас годишно, исто како и Јужен тек. Од ова количество, 14 милијарди кубни метри гас ќе бидат наменети за Турција, којашто најверојатно добива и повластена цена, а другите 49 милијарди кубни метри руски гас ќе бидат пренасочени кон гасниот центар на границата меѓу Турција и Грција.
Во продолжение на споменатата средба со новинарите, Лавров одговарајќи на прашања изјави дека нема да „игра на еден гол“ во смисла на трговските отстапки од Европската унија. Истакна дека Русија не се откажува од дијалогот, но тој може да биде обновен само на рамноправна основа.
„Доколку ЕУ одлучи дека отсуството на нормален дијалог по прашања од разни сектори, енергетскиот, земјоделието и во други области, не е во ред, ние нема да се спориме. Мо доколку ЕУ (….) сака да ги задржи своите санкции a нас да нé убедува да направиме некои исклучоци од мерките за заштитана на нашите земјоделски производители, особено од аспект на можноста за нивно кредитирање од руските банки, ние нема да играме на еден гол“, изјави Лавров на отчетната прес-конференција за постигнувањата на руската дипломатија во 2014 година.
Притоа шефот на руската дипломатија уверува дека половината земји од Европската унија се залагаат за укинувањето на санкциите против Русија.
„Знаеме дека во ЕУ има различни ставови. Во актуелниот миг, кога околу половината од земјите членки веќе почнуваат упорно да се залагаат за укинување на санкциите, покажува дека се носат такви одлуки врз основа на заемна одговорност, по инерција базирани на чекорите на американските партнери, потоа е многу тешко да се отфрлат“, оцени Лавров./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украинскиот министер за одбрана: Целта е да се убиваат 50.000 Руси месечно
Украина сака да „убива 50.000 Руси месечно“, изјави новиот министер за одбрана Михајло Федоров за време на прес-конференција, наведувајќи ги своите приоритети за мандатот.
Зборувајќи за своите планови во својата нова улога, Федоров рече дека има две клучни цели, од кои првата е да управува со системот.
„Управувањето мора да се гради околу луѓе кои се способни да постигнат јасно дефинирани цели. Ако некој не покаже мерливи резултати, не може да остане во системот“, рече тој.
Тој го наведе зголемувањето на руските жртви како втора стратешка цел. „Втората стратешка цел е да се убијат 50.000 Руси месечно“, рече тој. Додаде дека, според украинските податоци, минатиот месец биле убиени 35.000 руски војници и дека овие загуби биле „потврдени со снимки“.
„Ако достигнеме 50.000, ќе видиме што ќе се случи со непријателот. Тие ги гледаат луѓето како ресурс, а недостатокот на овој ресурс е веќе видлив“, нагласи тој. Москва и Киев ретко официјално ги објавуваат своите загуби. Украина проценува дека вкупните руски загуби од почетокот на целосната инвазија надминале 1.200.000 луѓе. Оваа бројка ги вклучува мртвите, ранетите и исчезнатите.
Европа
Франција бара воена вежба на НАТО во Гренланд
Франција побара НАТО да одржи воена вежба на Гренланд и е подготвена да учествува, соопшти Елисејската палата, објави Си-Ен-Ен.
Франција, заедно со други европски земји, минатата недела распореди дел од воениот персонал на Гренланд за да учествува во посебна заедничка вежба предводена од Данска.
Ова доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ги засили заканите за анексија на арктичкиот остров со сила. Неговите изјави го доведоа во прашање деценискиот безбедносен сојуз предводен од САД во Европа.
Што е воена вежба на НАТО?
Вежбите на НАТО ги свикува командантот на НАТО и можат да бидат со големина од неколку офицери до „вежби од целосен обем што вклучуваат борбени сценарија што вклучуваат авиони, воени бродови, артилерија, оклопни возила и илјадници војници“, вели НАТО на својата веб-страница.
Земјите-членки на НАТО учествуваат во вежбите со обезбедување национални придонеси во форма на војници, опрема или друга поддршка. „Земјите учеснички генерално ги финансираат своите национални придонеси“, наведува НАТО.
Европа
(Видео) Нова железничка несреќа во Шпанија: машиновозачот загина, 37 повредени
Машиновозачот загина, а најмалку 37 лица се повредени во железничка несреќа во близина на Барселона.
Според локалните власти, возот Родалиес удрил во потпорен ѕид што се урна на пругата помеѓу Гелида и Сант Садурни. Се верува дека четири лица се во критична состојба, изјави портпаролот на регионалната противпожарна служба, Клауди Гаљардо, за новинарите.
Единаесет амбулантни возила се испратени на местото на несреќата во Гелида, околу 35 километри западно од Барселона, потврдија службите за итни случаи. Локалната противпожарна служба соопшти дека 35 противпожарни екипи се испратени на местото на несреќата.
Повредените се однесени во блиските болници. Лошото време го стави поголемиот дел од брегот во источна и северозападна Шпанија под висока тревога. Снежни бури беа пријавени и во шпанските Пиринеи, а силни бури беа пријавени покрај брегот на Менорка, каде што брановите достигнаа висина од неколку метри.
Несреќата во Каталонија се случи само два дена по сериозниот судир помеѓу два брзи воза во Адамуз, Андалузија. Најмалку 42 лица загинаа во таа несреќа кога вагоните на воз што се движеше кон Мадрид излетаа од шините, преминаа на спротивната пруга и се судрија со брз воз што доаѓаше од спротивната насока.

