Daily news
МАНУ одбележа 50 години од основањето, Иванов порача дека треба да биде глас на разумот
Развојната траекторија на МАНУ потврдува дека уште од првите децении по формирањето, Академијата навлегла во фазата на својата зрелост и израснала во темелник на македонската наука, јазик, култура и историја и во еден од стожерите и симболите во државноста на Македонија. МАНУ придонесе за конституирањето на Македонија во независна држава, истакна претседателот на МАНУ, Таки Фити, на одбележувањето на 50-годишнината од основањето на Академијата.
Пој порача дека Македонија била и е мултикултурна земја, но и дека е потребна изградба на нов и обединет Балкан. Фити го поздрави договорот за пријателство и соработка на Владата на Македонија со Бугарија.
„Директната соработка на академиите во регионот на планот на заедничката проектна активност, изработка на стратегии од значење за регионот и издавачката дејност е посебно значајна за развојот на сите“, додаде тој.
На собирот во МАНУ присуствуваа претседателите на академиите од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Турција, Косово, Албанија, Бугарија, Словачка, Чешка, Австрија и од Унгарија. Фити се осврна на 1967 година кога било решено да се формира Академијата. Тој зборуваше за развојот на МАНУ во овој период, предизвиците со кои се соочува денес, за идните планови. Со одлука на Претседателството на МАНУ беа врачени три посебни признанија и медали што го носат ликот на првиот претседател, Блаже Конески. Наградени беа Радомир Ивановиќ од Црна Гора, Бенџамин Лангер од Германија и Виктор Фридман од САД. Беа доделени плакети и благодарници на истакнати институции, организации и компании со кои соработува МАНУ, на универзитетите од Република Македонија, научни друштва, организиации.
Претседателот Иванов, кој е покровител на свечената академија, во обраќањето истакна дека како врвна самостојна научна и уметничка установа МАНУ даде голем придонес во изградбата на современата македонска држава, континуирано ја поттикнува и ја развива научната мисла и работи на негувањето и на унапредувањето на уметностите.
Во нашето општество, во кое политичарите честопати размислуваат само до следните избори, на академиците е да промислуваат за наредните генерации. Затоа, неопходно е функционално партнерство меѓу државата и науката, меѓу носителите на одлуки и експертите, со цел носење мудри одлуки и креирање политики втемелени врз научна основа, рече Иванов. Според него, одговорност на МАНУ е да настојува преку научната мисла да придонесува за унапредување на севкупниот развој на земјата и за процут на целото македонско општество.
Претседателот вели дека македонската држава и македонските граѓани се исправени пред големи предизвици за кои мора да се бараат решенија. Но, тие решенија не смеат да отстапуваат од принципите на нашето постоење и опстанување, рече тој, оценувајќи дека во овој период на предизвици очите на македонското општество се свртени кон МАНУ и дека очекувањата Академијата да биде глас на разумот и на мудроста се поголеми отколку кога било порано.
„Длабоко верувам дека во годините и децениите што се пред нас МАНУ ќе покаже единство во однос на суштинските прашања за државата, блискост и отвореност кон граѓаните и мудри решенија и одлуки за важните прашања од кои зависи иднината на нашите потомци“, додаде Иванов.
Во рамките на одбележувањето, покрај музичката програма, на свечената академија беше прикажан и филмот „50 години МАНУ“. Македонската академија на науките и уметностите е основана на 23 февруари 1967 година, а нејзин прв претседател беше Блаже Конески. Досега МАНУ имала 154 члена, од кои сега 41 се со статус редовни членови, а 33 се со статус членови надвор од работниот состав. МАНУ има издадено приближно 1.690 научни труда од сите сфери на науката и уметностите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.