Регион
Хашкиот осуденик за Сребреница Здравко Толимир почина во хашкиот притвор
Генералот на Војската на Република Српска, Здравко Толимир, осуден на доживoтен затвор поради злосторства во Сребреница, починал во понеделникот навечер во притворот на Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства сторени на територијата на поранешна Југославија, потврди во вторникот за Радио-телевизија Србија (РТС), претседателот за соработка со Хашкиот трибунал, Расим Љајиќ.
Засега не се објавени повеќе детали и околностите за смртта на генералот на босанските Срби во текот на војната во Босна и Херцеговина во средината на 1990-те.
На Здравко Толимир во април 2015 година од Жалбениот совет на Хашкиот трибунал му беше потврдена пресудата на доживотен затвор поради злосторства извршени над Бошњаци од Сребреница во летото 1995 година.
Толимир во текот на војната во БиХ беше помошник за разузнавачко-безбедносни работ на командантот на Војската на Република Српска, генералот Ратко Младиќ, кому во Хаг му се суди по обвинението за истите злосторство.
Пресудата за Толимир беше донесена на основа за командна одговорност, а во првостепената пресуда беше наведено дека е прогласен виновен за геноцид, здружување поради извршување геноцид, истребување, убиства, прогон и присилно преместување на муслиманите од Сребреница и Жепа од јули до ноември 1995 година.
Генералот Толимир во пресудата е опишан како „десната рака, очите и ушите“ на тогашниот командант Ратко Младиќ. Процесот против него беше покренат во 2005 година, уапсен беше на 31-ви мај 2007 година, а судењето започна на 26-ти февруари 2010 година./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бахамите го признаа Косово
Бахамите официјално ја признаа Република Косово како независна и суверена држава, соопшти косовската претседателка Вјоса Османи.
Османи го потпишала договорoт на Бахамите со премиерот Филип Брејв Дејвис. На социјалната мрежа „Икс“ беше објавено заедничко соопштение во кое се наведува дека двете земји воспоставиле дипломатски односи, кои стапуваат на сила со денот на потпишување на заедничкото комунике, во согласност со меѓународното право и Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
Bahamas recognizes the Republic of Kosovo as a sovereign and independent state! 🇽🇰 🇧🇸
We just signed our bilateral agreement with Prime Minister @honphilipedavis. On behalf of the people of Kosovo, I extend my sincere gratitude for this decision of historic significance!
Full… pic.twitter.com/a9LLtW2BW7
— Vjosa Osmani (@VjosaOsmaniPRKS) December 19, 2025
Во соопштението се наведува дека Бахамите и Косово ја потврдиле посветеноста на целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации и изразиле намера да развиваат соработка во области од заемен интерес, како што се трговијата, туризмот, образованието, културата, технологијата и јавниот сектор.
Двете земји изразиле очекување за воспоставување топло и продуктивно партнерство.
Годинава, независноста на Косово ја признаа и Сирија, Судан и Кенија.
depositphotos
Регион
Путин првпат зборуваше за НИС: Верувам дека Белград ќе ги исполни своите обврски
Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од две децении одржува годишна прес-конференција, на која ги презентира своите политички ставови и анализи на јавноста во Русија и во странство.
За време на конференцијата, новинар од Србија го потсети рускиот претседател дека Нафтената индустрија на Србија (НИС), заедничко вложување меѓу Русија и Србија, ги трпи последиците од западните санкции. Тој го праша Путин како ја коментира оваа ситуација?
„Што се однесува до НИС, притисокот од западните санкции продолжува, а ова е показател за политичка моќ. Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски, а двете земји ќе спроведат многубројни други проекти“, рече Путин не сакајќи да се продлабочува на оваа тема.
Претходно денес, рускиот претседател изјави за „Спутник“ дека знае што се случува со компанијата НИС и дека се надева оти ќе се најде заедничко решение.
„Знаеме што се случува со компанијата НИС. Имаме меѓудржавен договор и претпоставуваме дека пријателското српско раководство ќе го земе ова предвид. Имаме идеја за насоката во која сакаме да се движиме заедно. Работиме на тоа и се надевам дека ќе го најдеме потребното решение“, рече рускиот претседател.
Тој исто така рече дека без оглед на надворешната аспирација за подобрување на односите, притисокот со санкции ќе продолжи како начин за покажување сила, пренесува „Раша тудеј“.
„Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски и дека Русија и Србија ќе спроведат многубројни други заеднички проекти“, рече тој.
НИС е под санкции на САД од почетокот на октомври поради мнозинската руска сопственост, што значително го комплицира работењето на една од најважните компании за функционирање на целата српска економија.
Рускиот „Газпромнефт“ е мнозински сопственик на НИС, а рускиот претседател рече дека земјата инвестирала повеќе од три милијарди долари во компанијата.
фото/депозитфотос
Регион
E-пошта со безбедносни закани во училиштата во Словенија: учениците итно евакуирани
Неколку основни и средни училишта низ Словенија денес добија е-пошта со безбедносни закани, а некои беа евакуирани како мерка на претпазливост, објави полицијата.
Главната полициска управа на Љубљана изјави дека реагирала веднаш по приемот на заканувачки пораки, собрала информации и ги спровела сите потребни мерки за да ја осигура безбедноста на учениците и персоналот, објави СТА.
Досега собраните податоци укажуваат дека станува збор за генерички закани, без конкретна оперативна опасност.
Полицијата процени дека ситуацијата носи мал ризик и дека нема потреба од дополнителен аларм.
Министерот за образование беше информиран за инцидентот, пишуваат медиумите.
Фото: депозитфотос

