Daily news
(ВИДЕО) Михајлоски повика на конгрес за избор на нов лидер за демократска ВМРО
„Идеалот на ВМРО е за слобода и правда, токму ваквите идеали беа напуштени изминатите години. Беше задушена слободата и беа направени големи неправди. Токму затоа на овие локални избори граѓаните членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ го казнија тој начин на владеење. Политичарите треба да извлечат поука дека во иднина секој што ќе се обиде да го узурпира најсветото нешто, а тоа се слободата на човекот и правото на просперитетен живот, ќе биде жестоко казнет и отфрлен“, порача на вечерашната прослава во Младинскиот културен центар во Скопје реформаторот Александар Михајлоски, кој е иницијатор на демократската и европска иднина на ВМРО.
Според него, токму затоа граѓаните на овие локални избори го казнија самоволието, а политичарите треба да извлечат поуки. „ВМРО-ДПМНЕ со изградба на белиот дворец го напушти идентитетот од народна партија и стана елитистичка партија, што беше причина за големо разочарување кај членството. Затоа, најавуваме дека ќе го напуштиме тој елитистички концепт и ние, по реформите, ќе ја напуштиме таа зграда и повеќе нема да биде наше седиште“, рече Михајлоски.
Во салата во кое одекнуваше „оставка, оставка“ за сегашниот лидер Никола Груевски, Михајлоски рече дека овие пораки и поуки важат и за СДСМ.
„Некои пораки и потези веќе се гледа дека се продолжуваат како пракса, но не треба да ги понесе триумфализам или народот ќе ги казни на следните избори“, порача Михајлоски.
Тој рече дека ВМРО мора јасно да се дистанцира од криминалот и крупцијата. „Партијата нема да штити криминал и корупција. Ќе промовираме нови политики што ќе го заменат сегашниот нефункционален систем со нова подобра верзија. Да направиме помирување во општеството, да отвориме дијалог меѓу сите политички партии – со ова ќе дадеме силен импулс кон интеграцијата во европското семејство. Предуслов за ова е одржување демократски и слободен конгрес, на кој членовите ќе го изберат својот лидер. Ние имаме план и ве уверувам дека реформите ќе победат. Дојдено е време за промени. Промените се во интерес на сите во Македонија. На Македонија ѝ треба реформирана ВМРО-ДПМНЕ. Да се обединиме сите и да организираме слободен конгрес, на кој членовите ќе изберат нов лидер, да ја вратиме довербата и на следните избори да извојуваме голема победа“, порача Михајлоски.
К. Озимец
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.