Daily news
Отворен Самитот „Македонија 2025“: Отворените економии се единствен начин за развој на малите земји
На отворањето на шестиот по ред годишен Самит во организација на „Македонија2025“ денеска се презентираа „Најдобрите практики на успешните малите држави“, преку говори на Суан Хианг Ли, претседател на Одборот за економски развој во Сингапур и Пјер Гурџијан, партнер во Руско-ерменска фондација.
Сингапур во изминативе 50-тина години го зголеми бруто домашниот производ по глава на жител повеќе од 50 пати и денес надминува 52 илјади долари, со што се трансформираше во светска економска сила.
Според Суан Хианг Ли, клучни фактори за развојот на земјата се: фокусот кон странски инвестиции, трансфер на технологија, инвестирање во човечки капитал, првокласна инфраструктура и про-бизнис ориентирана влада. Земјата со 6 милиони жители и скоромни природни ресурси го промени својот систем на образование и се фокусираше кои иновациите.
„Сингапур верува во отворена економија. И во светската економија, мора да понудите најдобри услови за привлекување инвестиции. Нема награда за тие што се втори“, вели Ли.
„Сингапур успеа да наметне колективна визија за економски развиена земја со висок стандард и квалитет на живот, силен национален идентитет со атрибути на светска метропола“, додаде тој.
Пјер Гурџијан се осврна на придонесот на ерменската дијаспора кон економскиот развој на земјата, која преку бројните програми досега има инвестирано провеќе од 600 милиони долари. Нивната главна цел е Ерменија да го удвои својот бруто домашен производ по глава на жител до 2030 година.
Мајк Зафировски, ко-основач и член на Одборот на директори на Македонија 2025, дополнително го истакна значењето на градење позитивна клима кон инвеститорите, како и стабилност и доверба во системот.
„Земјата мора да остане конкурентна во однос на даноци, трошоци за работна сила и квалитет на образование. Секако дека треба да се поттикне и развојот на домашните компании, владеење на правото, добрата инфраструктура и образованието. Странските инвестиции и инвеститорите од дијаспората носат капитал, трансфер на технологија и најдобри практики и се клучни за поттикнување на економскиот развој“, заклучи тој.
На агендата на првиот ден од Самитот се поместени и многу интересни дискусии за тоа колку најдобрите светски практики би можеле да се применат во Македонија и регионот, кои се досегашните искуства со директните странски инвестиции во однос на соработката со локални добавувачи и за улогата на жените како лидери кон одржлива иднина. Меѓу говорниците на овие теми се: Игор Лукшиќ – директор на јавен сектор на „PwC“ за земјите од Југоисточна Европа и поранешен премиер на Црна Гора, Рубен Вардањан – влијателен инвеститор и социјален претприемач од Русија, Соња Шмуц – генерална директорка на Стопанската и индустриска комора на Словенија, како и многу други високи функционери и експерти од областа на бизнисот и економијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.