Daily news
Што открија „Рајските документи“?
Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) објави истражување за имотот на повеќе светски лидери и моќни личности скриени во фондови и офшор-сметки, кои го откриваат тајниот свет во кој тие ги чуваат нивните милијарди.
Во истражувањето „Рајски документи“ има податоци за офшор-средства на британската кралица за поврзаноста на близок соработник на Доналд Трамп со руски државјани, тајни бизниси на соработникот на Џастин Трудо и за уште 120 политичари и моќни личности.
Исто така, во „Рајските документи“, кои се обелоденија во јавноста, се споменуваат големи брендови и интернационални компании, како што се „Епл“, „Најки“ и „Убер“.
Новинарите истакнуваат дека во документите се споменуваат легални бизниси и деловни потези преку офшoр-компании и фондови, како и дека споменувањето на кое било име не упатува на тоа дека некој го прекршил законот.
Во „Рајските документи“ има информации за парични средства што соработник на Трамп ги добивал од енергетска компанија од Русија, чиј косопственик е зетот на Владимир Путин, за 13 милиони долари, кои преку офшор-компанија ги вложувала кралицата Елизабета Втора, за бизнисите на поранешниот американски генерал Весли Кларк, но и за парите што преку државните компании Русите ги дале во „Фејсбук“ и „Твитер“.
Како што се наведува, зад инвестицијата на рускиот милијардер Јуриј Милнер во Силиконската долина стои лавиринт на офшор-компании, но и пари на руската ВТБ банка и гигантот „Газпром“.
Во „Рајските документи“ се споменуваат и имиња на ѕвезди од забавната индустрија, како Мадона и Боно Вокс, како и начините на кои тие на легален начин го чуваат своето богатство од оданочување.
Во документите се зборува и за деловните врски во англиската Премиер лига и за врските на руски тајкуни со фудбалските клубови„ Арсенал“ и „Евертон“.
Како и во претходното големото откритие „Панамски документи“, кое го истражуваа новинари од повеќе од 100 редакции собрани под капата на ИЦИЈ, клучните документи и овој пат ги доби германскиот весник „Зидојче цајтунг“.
Во „Рајските документи“ има податоци за офшор-активности на 120 политичари и светски лидери, меѓу кои и британската кралица и 13 блиски соработници и донатори на претседателот на САД, Доналд Трамп, како и на 100 мултинационални корпорации, меѓу кои „Најки“, „Епл“ и „Убер“ и производителот на ботокс „Алерган“.
Во наредните денови се очекува објавување на низа документи. Гигантот „Еплбај“, еден од лидерите во офшор-бизнисот, најверојатно е извор на документите, а соопштено е дека тие најверојатно се украдени во сајбер-напад минатата година.
„Еплбај“ веќе објави дека се занимава исклучиво со легални активности и дека дава услуги на клиенти во рамките на меѓународното право.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.