Daily news
ИФФС: 70 отсто од младите велешани работат на лажни вести
Антонио од Велес вчера првпат јавно проговори за тоа како работел на лажни вести како ексклузивен гостин на првиот Истражувачки филмски фестивал Скопје, на дебатата посветена на оваа тема.
ИФФС вчера ја спушти завесата на првото фестивалско издание со проекцијата на филмот за затајувањето данок во Велика Британија, „Пајаковата мрежа: Втората Британска Империја” што коинцидентно се совпадна со вчерашното објавување на „Рајските документи“. Режисерот Мајкл Освалд беше гостин на фестивалот и доби честитки од публиката.
-Луѓето сами избираат што ќе читаат, а искуството вели дека ги избираат лажните вести пред вистинските – рече вчера Антонио пред присутните во киното „Култура“.
На дебатата за лажните вести под наслов „Македонија и феноменот на лажни вести – му помогнавме ли на Tрамп да дојде на власт?“ гости беа и новинарката од Велес, Убавка Јаневска, како и руската дата-новинарка Анастасија Валеева, а ја модерираше Огнен Јаневски.
Кога Валеева го праша колку заработува, Антонио одби да каже. Но, додаде дека ако ја открие сумата и таа би почнала да го работи истото.
Јаневска истакна дека истражувањето покажало дека 70 отсто од младите велешани работат на лажни вести.
На дебатата не беше дозволено видео и аудиоснимање, на барање на еден од говорниците. Единствена можност беше да се проследи во живо.
На третиот фестивалски ден беа прикажани два домашни филма кои го третираат проблемот со загадувањето – „Црни бели дробови“ во продукција на „Кадар“ и „Загадување: Скопје го стигна Пекинг“ на СКУП, како и бразилскиот филм „Новинарство по ново, новинарство по старо“ за опстанокот на печатените медиуми во дигиталниот свет.
Британецот Крег Шо одржа работилница за значењето на фриленс истражувачкото новинарство, а американскиот видеоновинар Роб Монтгомери, пак, работилница за нискобуџетни документарци снимени со мобилен телефон.
Како прв ваков фестивал во регионот, ИФФС обединува локални, регионални и светски теми поврзани со новинарските предизвици и потфати. Тридневната фестивалска програма вклучуваше прикажување документарни филмови, работилници, дискусии и дебати со гости од Македонија, регионот и од светот.
Отворањето на првото фестивалско издание беше посветено на укажувачите, храбрите поединци кои обелоденуваат информации во име на општото добро.
Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА е новоформирана организација од млади новинари, ентузијасти и професионалци која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија. Освен тоа, ПИНА се залага и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.