Надворешна политика
Интензивирање на економската соработка помеѓу Македонија и Катар
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во вторникот оствари средба со бизнис делегацијата од Катар, која на покана на македонскиот претседател престојува во неколкудневна посета на Македонија.
Целта на посетата е унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Катар, преку реализација на конкретни инвестициони проекти во различни области.
Иванов истакна дека Македонија има одлични политички односи со Катар и изрази силна поддршка за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.
Македонскиот претседател посочи дека постојат многу неискористени можности и потенцијали за соработка и дека во периодот кој следи неопходно е да се зајакнат контактите меѓу бизнис заедниците на двете земји, со цел реализирање на конкретни проекти.
Бизнис делегацијата од Катар изрази особен интерес за областите на земјоделието, производството на храна, енергетиката, телекомуникациите, градежништвото, инфраструктурата и недвижностите.
Во тој контекст, изминативе денови беа организирани и средби меѓу катарската делегација со институциите задолжени за привлекување на странски инвестиции, како и со домашни компании – членки на стопанските комори на Македонија. На средбите беа разгледани бизнис можностите за инвестирање и беа претставени поволностите што странските инвеститори ги имаат во нашата држава, оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати.
Посетата на катарската бизнис делегација во Република Македонија, следи откако на почетокот на годината претседателот Иванов оствари средба со Емирот на Државата Катар, Шеик Тамим Бин Хамад Ал Тани, како и со шеикот Калифа бин Јасим Ал Тани, претседател на катарската стопанска комора./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.