Daily news
„Фридом хаус“: Сè повеќе влади манипулираат со социјалните медиуми и интернетот
Владите низ светот драматично ги зголемуваат напорите да манипулираат со информациите на социјалните медиуми, заканувајќи се на интернетот како слободна технологија, се наведува во последниот извештај „Слобода на интернетот 2017“, кој годишно го објавува организацијата „Фридом хаус“.
Извештајот „Слобода на интернетот 2017“ ја проценува интернет-слободата во 65 земји од светот, во кои се наоѓаат 87% од вкупниот број на интернет корисници на планетата. Публикацијата се задржува на настаните кои се случиле помеѓу јуни 2016 и мај 2017 година. Според извештајот, од анализираните држави, само 16 се карактеризирани како „слободни“, 28 се „делумно слободни“, додека 21 земја е „неслободна“. Естонија и Исланд остануваат двете држави со најголема слобода на интернетот.
Организацијата „Фридом хаус“ изразува загриженост поради тоа што сè повеќе држави го следат примерот на Русија и на Кина во манипулација на социјалните мрежи и следење на противниците на интернет. Според студијата за слобода на интернетот, владите на 30 земји манипулирале со интернет во 2017, додека во претходната година бројот на држави бил за седум помалку. Во извештајот се наведува дека онлајн манипулациите и тактиките на дезинформирање имале важна улога во изборите на најмалку 18 држави минатата година, помеѓу нив и во САД, нанесувајќи штета на можноста граѓаните да одлучат за нивната власт врз основа на факти и автентична дебата. Тактиките на дезинформирање придонеле за падот на слободата на интернет седма година по ред, како и зголеменото нарушување на услугите на мобилен интернет и зголемените физички и технички напади на независните медиуми и заштитниците на човекови права.
Помеѓу значајните работи кои ги истакнува „Фридом хаус“ е зголемената софистицираност на онлајн манипулациите, преку ботови и лажни вести. Организацијата тврди дека преку веродостојни извештаи утврдиле дека во 30 од 65 земји владите вработуваат или плаќаат луѓе кои манипулираат со онлајн дискусиите, без нагласување за природата на нивната работа, а истовремено се зголемил и бројот на автоматизирани профили на социјалните мрежи кои манипулираат со дискусиите на интернет.
Кина и натаму е на врвот на земјите кои манипулираат со интернет поради цензура, борбата против анонимноста и затворање дисиденти кои се активни на интернет. „Употребата на платените коментатори и политичките ботови за ширење владина пропаганда беше промовирана од Кина и Русија, но сега стана глобална. Ефектите врз демократијата и граѓанскиот активизам од овие техники кои многу брзо се шират се потенцијално катастрофални“, вели Мајкл Абрамовиц, претседател на „Фридом хаус“.
Директорката на проектот „Слобода на интернет“, Сања Кели, објаснува дека таквите манипулации често се тешки за откривање и уште потешки за борба со нив, за разлика од другите видови цензура, како што се блокирање веб-страници.
Влади на 14 земји ја ограничиле интернет-слободата со цел спротивставување со манипулативни содржини. Анкара ангажирала дури 6 илјади луѓе од владејачката партија за борба против владините опоненти на социјалните мрежи. Украинските власти, пак, ги блокираа сервисите од Русија откако руски агенти ги преплавија социјалните мрежи со фабрикувани содржини кои го поддржуваат Кремљ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.