Daily news
(Видео) За пет години идентификувани 33 жртви на трговија со луѓе
„Сите ние сме свесни дека трговијата со луѓе во глобални рамки сè повеќе добива нови форми на експлоатација поинакви од оние што се втемелени во нашата свест и со кои главно сите ние ја поврзуваме трговијата со луѓе. Меѓутоа, сексуалната експлоатација, од многу примери посочени во голем број извештаи на релевантните фактори во оваа област, односно од извештајот на УНОДЦ, извештајот на амбасадорот на ОБСЕ и извештајот на Стејт департментот на САД, покажуваат дека таа како во Република Македонија така и на глобално ниво сè уште го држи приматот меѓу формите на експлоатација поврзани со трговијата со луѓе“. Ова, меѓу другото, го истакна државниот секретар при МВР, Магдалена Несторовска, во своето обраќање на почетокот од конференцијата на националните координатори за борба против трговијата со луѓе на земјите од Југоисточна Европа, што во наредниве три дена ќе се одржува во Скопје.
Несторовска, која воедно е и национален координатор за борба против трговијата со луѓе, посочувајќи дека прашањето на трговија со луѓе ги допира основните вредности на човековото живеење, нагласи дека земјава има широка правна рамка за борба против трговијата со луѓе, која е засилена и хармонизирана со европското законодавство и со меѓународното право и стандарди.
„Во последниве пет години (2013 – 2017) идентификувани се 33 жртви на трговија со луѓе, од кои 22 се деца. Поголем е бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, пред сè, жени и деца. Ова говори дека трговијата со луѓе секогаш е високо на агендата на надлежните институции во земјата. Она што можеби е најважно е воспоставувањето унифициран и координиран пристап при управувањето со процесите“, потенцира Несторовска, притоа истакнувајќи дека сето тоа е возможно со градење доверба и споделување информации како во рамките на билатералната така и во рамките на мултилатералната соработка.
Предвидено е конференцијата, на која учествуваат и експерти од повеќе меѓународни институции од областа на трговијата со луѓе, во овие три дена да биде поделена на четири работни сесии фокусирани на темите: трговија мотивирана од сексуалната експлоатација, нови модели на политики, односно концепти за нагласување и детектирање на трговијата мотивирана од сексуалната експлоатација, потоа за заштита на жртвите и посебен тематски дел за соработката во борбата против овој облик на трговија со луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.