Daily news
Донација на Пиварница Скопје за Клиниката за гинекологија и акушерство
Во пресрет на 17 ноември – Светскиот ден на предвремено родените деца и одбележувањето на 70 години од основањето на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Пиварница Скопје обезбеди донација со која целосно го опреми одделот за перипартална интензивна нега во оваа јавна здравствена установа.
Донацијата се состои од специјални болнички кревети со антидекубитни душеци од реномирани светски производители, постелнина и наменски медицински мебел што го сочинувааат наткасни и полици за пациентите и пулт за медицинскиот персонал.
Ваквата опрема, од страна на Министерството за здравство и менаџментот на клиниката, беше посочена како неопходна за унапредување на нивото на здравствената заштита на родилките во одделот за интензивна нега.
„Нашата определба да донираме за потребите на здравството е искрена и долгорочна. Таа произлегува од желбата да издвоиме дел од компаниските приходи за активности кои се значајни за целата заедница. Особено сме среќни и задоволни кога тие средства одат во обезбедување добри услови за третман и здравствена заштита на мајките и бебињата со што придонесуваме кон обезбедување здрави поколенија и одржлива иднина за сите“, изјави Ламбро Патче, менаџер за јавни работи и комуникации во Пиварница Скопје.
Со ова вложување, Пиварница Скопје се приклучи кон донаторската кампања на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, што се одвива под мотото „Сите ние, пријатели на бебињата“, а која е поддржана и од Владата на Република Македонија.
„Ваквите донации се пример дека можеме заедно и државата и приватниот сектор да придонесеме кон решавање и на најгорчливите проблеми што ги мачат граѓаните. Се радувам што во нашата земја постојат позитивни примери, како денешниот со Пиварница Скопје каде што можеме да видиме како општествено одговорна компанија дава директна помош за унапредување на условите во одделението за интензивна нега каде што мајките ќе се згрижуваат откако ќе ги донесат своите новороденчиња на свет“, изјави премиерот Зоран Заев.
Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје е единствената универзитетска медицинска установа од ваков вид во земјата, во која се обезбедува највисок степен на здравствена заштита и се третираат најсложените случаи од областа на гинекологијата и акушерството, а паралелно на тоа се изведува образовна дејност и научно-истражувачка работа. На Клиниката годишно сe извршуваат и до 6.000 породувања, како и над 50.000 специјалистички и суб-специјалистички прегледи и интервенции.
„Поради местото, улогата и големото значење на нашата клиника за здравствениот систем на Република Македонија, неопходно е таа постојано да се осовременува, да биде во тек со најсовремените медицински достигнувања и да се обезбедуваат соодветни стандарди за третман и нега на пациентите. За нивното достигнување свој придонес секако дава и Пиварница Скопје, преку ваквиот вид конкретна поддршка, за што јас во името на клиниката, нејзиниот персонал и пациентите искрено им благодарам“, изјави директорката на клиниката, д-р Викторија Јовановска.
Во согласност со својата трајна определба за реализација на проекти кои се од особено значење за заедницата, Пиварница Скопје и во иднина ќе продолжи со вложувањата во натамошно унапредување на здравствениот систем на земјата, за што наскоро ќе биде реализиран и долгорочен проект со кој се дава дополнителна поддршка во обезбедување здрави поколенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.