Daily news
„Перимак“ – надеж за најмалите пациенти во Македонија
Од 21 до 23 ноември во хотелот „Александар палас“ во Скопје, како и 24 и 25 ноември, во зградата на Министерство за здравство, повеќе од 250 македонски гинеколози, акушери, педијатри, неонатолози и лекари на интензивна нега, како и медицински сестри, ќе бидат дел од обуките за најновите методи за клиничка дијагностика, но и пред и постнатална грижа. Обуките ќе ги одржуваат истакнати професори од Амстердам.
Овој настан е дел од проектот „Перимак“, партнерство помеѓу Министерството за здравство на РМ, проектот „ХОПЕ Македонија“ и проектот „ХОПЕ Германија“. Обуките се поддржани од страна на „Алкалоид“ АД Скопје.
Проектот „Перимак“ е започнат во почетокот на 2016 година од страна на проектот ХОПЕ во партнерство со Министерството за здравство. Основна цел на проектот е зголемување на стапката на преживување кај предвреме родените бебиња во Македонија, во одредени тежински групи и до 30 отсто. Досега во рамките на проектот се започна со подобрување на условите, капацитетите и експертизата во Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир и ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести – Скопје – оддел за интензивна нега, со цел создавање Perinatal Centres of Excellence. Една од целите на проектот е да се овозможи на медицинскиот кадар во болниците да третираат специфични патологии и состојби на високоризични бремености, како и прематурни и ризично родени новороденчиња што поефикасно. За оваа цел најсовремена медицинска опрема во вредност од 1 милион евра веќе е донирана од страна на проектот „ХОПЕ Германија“ до двете болници, како и мал дел до Клиничката болница Тетово. Дополнително, неколку доктори од идните експертски центри веќе поминаа обуки од неколку недели во универзитетските болници во Амстердам и Бон. Во планот на „Перимак“ е во проектот да се вклучи уште најмалку една болница во текот на наредната година.
Со цел во проектот да се вклучат колку е можно повеќе болници и медицински професионалци од целата држава Prof. Dr. van Geijn и Prof. Dr. Harrie Lafeber од Универзитетската болница во Амстердам, и Ms. Nicolien Lafeber, професор по респираторна грижа на Amstel Academy, Free University Amsterdam, ќе бидат во Скопје и ќе одржат серија обуки/работилници за медицински професионалци од разни институции на четири теми од полето на пред и постнаталната грижа.
За проектот ХОПЕ
Основан во 1958 и присутен во Македонија од 1993 година проектот ХОПЕ е лидер во глобален развој на здравството и програми за одговор на кризи. Проектот ХОПЕ е интернационална невладина организација, чија цел е спасување животи и подобрување на здравствената грижа, со посебен акцент на здравјето на жените и децата. Нашата мисија ја остваруваме преку подобрување на знаењето, способностите и алатките што ги користат здравствените работници при нудење грижа. Со програми во повеќе од 30 држави во светот работиме во епицентарот на денешните најголеми здравствени предизвици вклучувајќи инфективни и хронични болести, елементарни непогоди и здравствени кризи, здравје на мајки, новороденчиња и деца, како и на здравствени политики и протоколи што влијаат на давањето здравствена грижа. Повеќе информации за проектот ХОПЕ можете да најдете на: www.projecthope.org , www.projecthope.de, како и да нè следите на Twitter @projecthopeorg и Facebook: https://www.facebook.com/ProjectHOPEorg/ и https://www.facebook.com/projecthopeorgMacedonia/ .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.