Државната изборна комисија по реакциите во јавноста денеска на јавна седница ќе одлучува дали ќе ги повлече бонусите кои што ги поделиле за изборите.
Како што соопшти вчера ДИК, одлуките за надоместок се донесени согласно со закон и врз основа на позитивните законски прописи, меѓутоа поради повикот на јавноста, членовите на Државната изборна комисија на јавна седница ќе расправаат по предлог-одлуката за отповикување на донесените одлуки за определување надоместок за членовите на Државна изборна комисија и вработените во стручната служба за спроведените избори. „Одлуките за надоместок на изборната администрација се носени врз основа на одговорноста, сложеноста и обемот на работните задачи и врз основа на извештаите за работа на избората администрација“, е ставот на ДИК.
Американскиот амбасадор Џес Бејли претходно обелодени дека членовите на ДИК по локалните изборите поделиле бонуси во износ од четири месечни плати, додека за предвремените парламентарни избори минатата година си поделиле бонуси во висина од пет месечни плати.
„Едногласно било изгласано во Комисијата, без разлика на партија или етничка припадност. И персоналот вработен во Комисијата добил помали бонуси. Но, гласањето се одржало зад затворени врати, надвор од очите на јавноста“, рече Бејли.Тој праша зошто луѓето го премолчуваат ова и каде биле собраниските алатки за надзор на работата врз ДИК.