Новата рунда преговори меѓу Македонија и Грција, со посредство на медијаторот Метју Нимиц, ќе се одржи денеска и утре во Брисел.
Двете страни, по три години пауза, ќе треба повторно да ги соочат своите аргументи по однос на прашањето за името. МНР и официјално потврди дека нема да има проширување на преговарачкиот тим – на средбата со медијаторот Нимиц ќе присуствуваат амбасадорот на Република Македонија во САД, Васко Наумовски, и дипломатскиот претставник од Министерството, како и грчкиот преговарачки тим, кој ќе го предводи Адемантиос Василакис.
„Владата на Република Македонија ќе ги информира медиумите, а со тоа и јавноста за понатамошните чекори за ова важно и чувствително прашање кое е од највисок државен интерес“, соопштија од МНР.
Од канцеларијата на Нимиц информираа дека „средбата е дел од напорите на ОН да им се помогне на двете страни да најдат заеднички прифатливо решение за прашањето за името и дека новата рунда разговори доаѓа во период на подобрена политичка клима меѓу Македонија и Грција.“
Пред почетокот на најновата рунда, Нимиц за Независната балканска новинска агенција изрази надеж дека овој пат ќе бидат надминати црвените линии поставени од Атина и Скопје.
Последната формална рунда разговори на медијаторот со претставниците на двете земји беше одржана во Њујорк во ноември 2014.