Daily news
ССК: 10 домашните инвеститори со македонски квалитет до глобален успех
На свечена промоција во присуство на многубројни гости, традиционално и годинава, беа доделени десетте признанија за македонски квалитет за 2017 година на националните економските амбасадори. Признанијата ги доделија претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска, како и претседателите на секторските комори во Сојузот.
Добитници на признанијата се: ФХ3Х, „Чеза комерц“, „Конто Профит“, „Процес ин, „Вработување.ком“, „Пост експрес Македонија“, „Агроунија“, „Антаријас“, ПЗУ Поликлиника „Тоспаш“ и Женскиот младински хор при МКЦ.
Комисијата составена од членови на Кабинетот на претседателот на Република Македонија во согласност со прецизно воспоставени критериуми внимателно ги селектира македонските претставници што имаат традиција во создавање македонски бизнис-идентитет.
„Македонските инвеститори се економски амбасадори што успешно го промовираат македонскиот квалитет. Изминатата година имаше многубројни предизвици за приватниот сектор. Сакаме да веруваме дека пред нас е година на интернационализација на македонскиот квалитет во светот, на можност за инвестиции во човечки ресурси, модерни технологии и напредни процеси неопходни за општествен и економски развој. Растотот на домашните инвеститори во поволен амбиент, значи раст на вкупната економија “, изјави Арсовска и додаде дека Сојузот ги следи и се гордее на успесите и достигнувањата на компаниите членови и токму затоа признанијата за македонски квалитет се стимул за иднина.
По свеченото доделување на признанијата на коктел-церемонијата присуствуваа стопанственици, претставници на институции, дипломатскиот кор, новинари. Оваа престижна манифестација, која е под покровителство на претседателот, се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските инвеститори за тековната година, при што се доделуваат 10 признанија за македонски квалитет 2017.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.