Daily news
Град Скопје ќе поддржи проект за унапредување на дигиталната писменост кај средношколците
Во салата на Советот на Град Скопје денеска се одржа прес-конференција по повод официјалното започнување на проектот за унапредување на дигиталната писменост во Република Македонија – Национален MOS (Microsoft Office Specialist) натпревар.
„За овој натпревар, Градот Скопје во соработка со средните училишта набави лиценци кои содржат МОС испити. Со тоа им овозможуваме на учениците бесплатно полагање на испитите и стекнување со меѓународно признат МОС сертификат“, истакна градоначалникот Шилегов.
Во своето обраќање тој потенцира дека на овој начин во изминатите две години Градот директно поддржал 750 ученици овозможувајќи им бесплатно полагање на МОС испитите.
Шилегов нагласи дека Градот го поддржува натпреварувачкиот дух на младите, посветеното учење и натпреварувањата надвор од рамките на секојдневните училишни обврски и дека инвестирајќи во подобрување на дигиталната писменост, особено преку формалниот образовен процес, се придонесува за подобрување на можностите за вработување на младите образовани кадри и подобрување на продуктивноста на работното место.
За 2018 година планирано е да се набават четири МОС лиценци со по 100 испити и една АСА лиценца со 100 испити (вкупно 500 испити).
„За првпат ќе им овозможиме на средношколците да полагаат и АСА испит и со тоа да се здобијат со Adobe Certified Associat сертификат“, изјави Шилегов.
Набавката на лиценците ќе се организира преку пет средни училишта што ќе организираат групна јавна набавка, а исплатата ќе биде од средствата од блок дотацијата. Право на учество ќе имаат учениците од сите средни училишта на Град Скопје.
За набавка на испитите, средните училишта на Градот Скопје во 2018 година ќе одвојат 680.270 денари. Овој проект е во организација на Certiadria, а поддржан е од Град Скопје, Министерството за информатичко општество и администрација, Општина Центар, Општина Карпош, а најавена е и поддршка од многу компании кои беа партнери на проектот во изминатите 2 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.