Daily news
Вклучен црвен аларм за загадувањето
Според податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиентниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеролошки работи, прагот на алармирање за PM10 (надминување на вредноста од 200 mg/m3 во текот на два последователни денови) е надминат во Скопје на мерните места Ректорат и Лисиче и во Тетово.
Од страна на Министерството за животна средина доставена е информација за надминување на прагот на алармирање до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје, Град Скопје и Единиците за локална самоуправа каде што има епизода на алармантно загадување на воздухот.
Согласно со заклучоците од Нацрт-записникот од 40. седница на Владата одржана на 28 ноември, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да:
- Препорачаат на сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
- Препорачаат на сите работодавци да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот.
- Препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
- Обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Владата треба да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила. Исто така, треба да се обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа треба да обезбедат прифатилишта за сместување бездомници и да им се даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Министерството за здравство, пак, треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа сè до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина треба да почне со вршење зачестена контрола на инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.
Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави препорака до инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите коишто произведуваат топлинска или електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.