Daily news
Нимиц пристигна во Скопје, утре на средби со државниот врв
Меѓународниот медијатор во спорот за името, Метју Нимиц, денеска пристигнa во дводневна посета на Скопје на средби со државниот и политичкиот врв.
Како што информираат од Министерството за надворешни работи, за време на неговата посета на Скопје, на која ќе се разговара за иницијалната рамка за надминувањето на разликата за името, во текот на утрешниот ден (1 февруари), Нимиц ќе биде примен од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, премиерот Зоран Заев, а медијаторот ќе оствари средби и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Нимиц претходните два дена престојуваше во Атина, каде што се сретна со лидерите на грчката држава и политичките партии, при што заклучи дека постои динамика и е дојдено време за носење одлуки. На вчерашниот состанок со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, во Атина, двајцата разговараа за идеите што ги испрати медијаторот пред две недели и заклучија дека се подготвени да постигнат договор што ќе биде прифатлив и за двете страни.
Инаку, по посетата на грчката престолнина, Нимиц оцени дека тамошната влада е искрена и активна во решавањето на проблемот.
„Мислам дека има импулс. Ние го разгледувавме ова прашање 25 години, секој е запознаен со проблемите. Време е за донесување одлуки“, рече Нимиц по состанокот со Коѕијас, без да даде конкретен рок, нагласувајќи дека за оваа тема ќе се разговора во текот на следните недели, а потоа ситуацијата ќе треба да се преиспита.
Специјалниот пратеник на Обединетите нации во разговорите за името не сакаше да ги открие своите идеи и предлози велејќи дека не е добра идеја да го коментираат она што тој го предложил. Посочи дека некои од идеите веќе се појавија во медиумите.
„Двете влади може да размислат за своите идеи или да искористат некоја од моите. Никогаш не давам конечни идеи, јас сум посредник, а не судија. Од моја страна дадов идеи, кои мислам дека се најдобри во моментот“, рече Нимиц.
Медијаторот исто така се состана со Јоргос Кумуцакос, одговорен за надворешната политика во опозициската партија Нова демократија, но не беа изнесени детали за средбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.