Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, му порача на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Брисел очекува правно-обврзувачки документ со Приштина, пред Србија да добие можност да стане членка на ЕУ.
„Го почитуваме фактот што ЕП, како тело коешто претставува 400 милиони луѓе, ја препознава важноста за проширување на ЕУ на Западен Балкан“, изјави Вучиќ по средбата со Тајани.
Таа порака ја потврди и Тајани, објаснувајќи дека договорот со Приштина мора да биде потпишан пред формалното членство на Србија во ЕУ. Тој е уверен дека Србија ќе ги направи потребните реформи поврзани со владеењето на правото и слободата на медиумите, но, сепак, предупреди дека треба да се работи на уставните реформи и за слободата на медиумите. Тој ја поздрави и одлуката на Вучиќ да ја прифати поканата на хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ да го посети Загреб.