Daily news
Објавено ремек делото „Бегалски мозаик“ на канадската писателка Ен Мајклс
Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве го објави романот „Бегалски мозаик“ на познатат канадска писателка Ен Мајклс, во превод од англиски јазик на Елена Тренчева.
Книгите на Ен Мајклс се преведени на повеќе од 45 јазици, а нејзино најпознато дело е романот „Бегалски мозаик“, кој има дури 12 високи книжевни награди и е филмуван. Според него, во 2007 година е снимен игран филм во режија на Џереми Подесва, а главните улоги ги толкуваат Стивен Дилејн (Јакоб) и Раде Шербеџија (Атос). Шербеџија ја доби наградата за најдобар актер на Римскиот филмски фестивал за улогата на Атос.
„Бегалски мозаик“ е сублимат од поезија и проза, а критичарите веднаш по појавувањето го оценија како „меланхоличен и величествен“ и роман акварел. Го сметаат за еден од најдобрите романи од англиското јазично подрачје од крајот на 20 век.
Главниот лик во приказната е Јакоб Бер, како дете одвај спасен од холокаустот во Полска. Го спасува грчкиот геолог Атос Русос, кој го посвојува и го води да живеат на островот Закинтос во Грција. Се грижи за него и се обидува да го воведе во нормалниот тек на животот и во реалноста, настојувајќи да го внесе во светот на археологијата, геологијата, поезијата, книгите, картографијата, ботаниката… По војната двајцата емигрираат за Торонто, Канада. Приказната го следи животот на Јакоб, како расте, како се жени и ги поминува животните премрежиња и како ги преживува кошмарите од своите спомени и соништа. Ен Мајкл ги слика епизодите или миговите од животот на еден возрасен човек и на едно момче, кои настојуваат да ја најдат убавината на животот и тогаш кога ја нема.
Романот е напишан со поетски стил, со голема лирска раскош и со цврсти слоеви на метафора. Тој е роман за проклетството на бегалците, за трагедијата на луѓето кои ги преживеале Втората светска војна и холокаустот и кои, покрај сите трауми, го осмислуваат животот надвор од својата татковина.
Во него авторката внесува медитација за тоа „што ни ја прави љубовта способна и неспособна“, а читателот го соочува со ужасите на војната, насилствата, егзилот, загубата…
Ен Мајклс (1958) е поетеса и романсиерка. Таа е најреномиран поет во современата канадска литература. Добитник е на дваесетина национални и интернационални книжевни награди. Од 2015 година е поет-лауреат на градот Торонто, наследувајќи го Џорџ Елиот Кларк.
Ен Мајклс најпрвин се афирмира како поетеса, која со првите две поетски книги освојува високи книжевни награди, така што уште на почетокот на својата кариера го доби статусот на еден од најдобрите современи канадски поети.
Нејзини најпознати дела се стихозбирките „Тежината на портокалите“ (1986), „Рударско езеро“ (1991) и романите „Бегалски мозаик“ (1996) и „Зимскиот трезор“ (2009). Автор е уште на стихозбирките: „Кожни нуркачи“ (1999), „Песни“ (2000), Railtracks (2011), Кореспонденции (2013) и „Сè што видовме“ (2017). Други поважни дела се: „Страста на Лавинија Андроник“ (2005), „Точки на исчезнување“ (2005), „Шеесет и шест книги“ (2011), „Море на фенери“ (2012), „Авантурите на Мис Петифур“ (2015, првата нејзина книга за деца) и „Бесконечна градација“ (2018).
Романот „Бегалски мозаик“ е тематската пресвртница на Мајклс и ќе остави трага врз нејзиното натамошно творештво – ќе ја постави тематската основа за своите идни дела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.