Daily news
(Видео) Граѓаните масовно донираа за Доневи, надлежните институции никаде ги нема
По објавата на „Макфакс“ и „А1он“ за алармантната ситуација во која се наоѓа семејството Доневи од струмичкото село Дражево, голем број граѓани од цела Македонија се обратија до нашата редакција со цел да му помогнат на ова социјално загрозено семејство. Хуманите граѓани донираа пари, топла облека, храна, обувки средства за лична хигиена, средства за перење, како и дрва за огрев.
„Им благодариме на сите што донираа, ова многу ни значи, колку-толку ни помогнаа да ја преживееме зимата, која, за наша среќа, не е толку сурова како минатата година“, вели Стоил.
Овие продукти ќе бидат доволни за семејството за наредните неколку недели, но очајно им се потребни попрвка и реновирање на куќата во која живеат. Домот буквално е пред распад, студениот ветер низ дотраените прозорци и врати директно продира во собата каде што престојуваат, па ова семејство, особено дваесетгодишните ќерки Марина и Душка, има потреба од лекарства поради честите заболувања. Доневи немаат ниту тоалет, вршат нужда и се бањаат зад распаднатата куќа, во дупка што Стоил сам ја ископал.
Марина и Душка, и покрај здравствените проблеми, заедно со својот татко Стоил секојдневно одат во Струмица каде што собираат старо железо и пластика од отпадите за да заработат парче леб. Ова семејство пред неколку години добивало 6 илјади денари социјална помош, но поради нивите што Стоил ги поседува уште од неговите предци, оваа помош му е скратена на 2.500 денари, иако никој од семејството не е способен да ги обработува нивите.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, по објавата за лошата ситуација во која се наоѓаат Доневи, испрати екипа од Центарот за социјални работи од Струмица, која дополнително ја увиде состојбата на ова семејство и донира дополнителен еднократен износ.
Царовска ја обвинува неефикасноста на постојниот систем заради неможноста на институциите да излезат во пресрет на семејствата од овој вид. Но, актуелната министерка најави дека реформите на социјалната заштита се врвен приоритет во министерството.
„Целта е да изградиме похуман систем и да ја зголемиме финансиската поддршка за ранливите за излез од сиромаштијата. На многу семејства им е потребна личната, човечка поддршка, во секојдневниот живот, многу повеќе од финансиската. Новиот систем тоа ќе го овозможи. Многу бргу овие луѓе мора да имаат шанса да се одлепат од дното, да добијат поддршка што ќе ги охрабри и зајакне, која ќе им го врати достоинството“, вели Царовска.
Стоил, Натка, Марина и Душка веќе подолго време преживуваат во нечовечки услови, но без разлика на тоа, во ова семејство преовладуваат оптимизмот и надежта за подобро утре. И покрај тешката финансиска состојба во која се наоѓаат, кај Доневи се чувствуваат семејната атмосфера и блискоска што тие ја имаат меѓу себе.
Доколку сакате да донирате за ова социјално загрозено семејство, контактирајте нè преку „Фејсбук“ или на имејлот [email protected].
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.