Daily news
Суд во Франција расправа дали 11-годишно дете може да се согласи на секс
Може ли 11-годишно дете слободно да прифати сексуален однос со 28-годишен маж? Ова прашање ќе биде во средиштето на судењето што денеска почнува во Понтоис, регион на Париз, во време кога со предлог-закон се предвидува воведување минимална возраст за согласност на секс.
Аферата предизвика жестока дебата во Франција. Имено, минатата година на 24 април 11-годишно девојче дошло во стан на човек што претходно двапати ѝ пришол. Во станот на човекот тие имале сексуални односи.
Нејзините родители поднеле тужба за силување опишувајќи го преплашеното дете неспособно да се брани, шокирано од тоа што се случувало.
Сепак, обвинителството сметало дека не станува збор за силување бидејќи односот бил доброволен и бил извршен без никаков физички притисок врз малолетното девојче, кое по сопствена волја отишло во станот на човекот.
Оценувајќи дека немало насилство, принуда, закани или изненадувања, обвинителството одлучило кривично да го гони човекот, инаку татко на две деца, поради полов однос забранет со закон дефиниран како полов напад врз малолетник на возраст до 15 години. Врз основа на ова кривично дело нему му се закануваат пет години затвор.
Сепак, судската постапка би можела повторно да се врати на почеток бидејќи родителите на девојчето бараат мажот кривично да се гони за силување за што е предвидена затворска казна во траење од 20 години.
Во Франција пeриодов актуелни беа уште две вакви афери: Oслободување на 30-годишен маж обвинет за силување на 11-годишно девојче, односно казна од 18 месеци затвор за наставник што бил во врска со својата 14-годишна ученичка.
Овие случаи беа поттик за одлуката на француската влада да се воведе минимална возраст за согласност на сексуален чин, која претседателот Емануел Макрон предлага да биде 15 години. Предлог-законот против сексистичкото и сексуалното насилство, со кој би требало да се утврди овој праг, се очекува пред Советот на министрите да се најде на 7 март. Во меѓувреме француското Министерството за правда задолжи мултидисциплинарна комисија да придонесе за дебатата. Група експерти, вклучувајќи адвокати и лекари, треба да го дадат своето мислење до 1 март годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.