Daily news
МАИ: Годишната програма за проекти од областа на издаваштвото промовира нелојална конкуренција
Македонската асоцијација на издавачи реагира на објавената годишна програма за проекти од национален интерес во културата за 2018 година во областа на издаваштвото, која беше објавена во саботата. Од таму наведуваат дека недостига транспарентност и доследност во запазувањето на критериумите за избор на членовите на комисиите, како и конкретни критериуми за бодување на квалитетот на поднесените проекти.
„Сметаме дека оваа годишна програма промовира нелојална конкуренција зашто се стимулира појава на непознати фирми што на сметка на издавачките куќи со долгогодишно реноме добија повеќе проекти на годишно ниво. Имено, ограничувањето на бројот на поднесени проекти на 10 доведе до формирање нови фирми со дејност издавање книги само за целите на конкурирање на годишната програма“, велат од МАИ.
Оттука, велат од таму, таквите фирми не можат да приложат соодветна референтна листа на издадени публикации како доказ за нивното искуство како издавачи. За компарација, велат од МАИ, издавач што постои повеќе од 10 години има добиено помалку проекти од новите издавачки куќи што се формирани минатата година.
Во однос на распределбата на средствата, од МАИ наведуваат дека се забележува нерамномерно доделување средства, односно не се користени конкретни критериуми за определување на износот на финансирање – износите во поголем дел се паушални. На пример, како што се вели во реакцијата, може да се забележи дека износите доделени за превод на дело се поголеми од износите за авторски дела, што директно се коси со напорите да се поддржат македонските автори.
Исто така, се вели во реакцијата, соодносот на побараните и одобрените средства не е еднаков насекаде, односно некаде се одобрени сите побарани средства од страна на побарувачот, некаде е скратено 10%, некаде 30%, 50%, а некаде дури и 90%, со што е оневозможена реализацијата на проектот.
Во програмата, според МАИ, меѓу недоследностите се и тоа дека на ист автор му се одобрени повеќе проекти (како преведувач и како автор, или како преведувач на две дела, и сл.), превод од посреден јазик, и покрај заложбите да не се поддржува ваков превод, поддршка на комерцијални изданија и покрај нагласувањето од страна на Министерството дека таквите проекти нема да бидат поддржани, односно селективност во поддршката на овие изданија, т.е. одобрени кај одредени издавачи и одбиени кај други, како и недоволен број поддржана детска литература.
„Како заклучок, МАИ констатира дека годишната програма за проекти од национален интерес во културата за 2018 година во областа на издаваштвото не го зајакнува издавачкиот сектор и не промовира развој на дејноста, туку преку низа ограничувања поттикнува нелојална конкуренција и не гарантира квалитетна реализација на поддржаните дела и нивна достапност до читателите. И покрај позитивните напори и најави дека овој конкурс конечно ќе ги земе предвид забелешките од претходните години, сметаме дека тие не се спроведени правилно и правично“, велат од МАИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.