Daily news
Осумчасовното работно време е погубно за организмот
Во текот на изминатите неколку години повеќе студии се занимаваа со темата за осумчасовно работно време за кое се покажало дека, едноставно, е модел што не функционира. Имено, резултатите од сите тие студии покажале дека должината на работното време нема никаква врска со тоа колку работниците се ефикасни и продуктивни. Оттаму, логично е да се запрашаме од каде потекнува идејата за осумчасовно работно време?
Кампањата била иницирана од социјалниот реформатор Роберт Овен во 1810 година во време кога фабриките работеле 24 часа, а работниците често биле ангажирани од 10 до 15 часа. Тогаш Овен го измислил слоганот „Осум часа работа, осум часа за одмор, осум часа за спиење“, а во 1926 година, повеќе од еден век подоцна, компанијата „Форд мотор“ станала првата што вовела времетраење на смените од осум часа и двојно им ги зголемила платите на вработените.
Денес, осумчасовното работно време дефинитивно се смета за застарен концепт.
Имено, истражувачот на циклусите на спиење, Натаниел Клејтман, открил нешто што се вика основен циклус на одмор, според кој нашите тела функционираат со одмор од деведесет минути во текот на ноќта меѓу длабокиот и лесниот сон. Истиот циклус се случува и во текот на денот, односно нашата висока и ниска будност се менува во истиот тој период поради што ни се потребни повеќе паузи за да бидеме продуктивни.
Докторот Тревис Бредернер ја предложува следната алтернатива: идеалната врска помеѓу работата и одморот е 52 минути работа и 17 минути одмор. Според него, луѓето што го одржувале ваквиот баланс имале завидно ниво на фокусираност на работното место.
Во Шведска, пак, се експериментирало со работни смени од шест часа во дом за стари лица. Првите извештаи потврдиле дека медицинските сестри биле посреќни, имале повеќе енергија и биле попродуктивни. Штом се вратиле на старите термини, сестрите се пожалиле на замор и исцрпеност.
Новинарот Овен Џонс предложува да се работи четири дена во неделата, а неговиот колега од „Гардијан“ ја застапува идејата за четиричасовен работен ден.
Иако сè уште нема консензус за должината на смената, едно е сигурно – веќе никој не сака осумчасовно работно време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.