Daily news
Џафери-Радев: Договорот за добрососедство е во европски дух
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, кој престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.
Двајцата соговорници се согласија дека потпишувањето и ратификацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка e во европски дух и несомнено отвора нови можности во односите меѓу двете држави, но, исто така, неспорно ја докажува цврстата определба на Република Бугарија да и пружи целосна поддршка на Република Македонија за пристапување во НАТО и Европската Унија.
Џафери истакна дека особено радува поддршката на Република Бугарија за зачленување на земјите од Западен Балкан во НАТО и во ЕУ.
„Членството на Република Македонија во овие организации и натаму останува врвен државен, политички и стратешки приоритет. За успешно заокружување на овие процеси, Република Бугарија и нејзините институции можат со сопствени искуства да дадат значаен придонес за реализација на овие цели. Актуелното раководство на Република Македонија прави напори да ги подобри односите со соседите и преку конкретни чекори, како што е потпишувањето на Договорот со Бугарија и со надминување на отворените прашања со Република Грција, очекува да добие датум за преговори за членство во ЕУ, а на самитот на НАТО во јули оваа година конечно да се потврди поканата од Букурешт од 2008 година земјата да стане членка на Алијансата“, смета Џафери.
Претседатлот Радев изрази задоволство од денешната средба и посебно ја поздрави ратификацијата на Договорот во Собранието на Република Македонија како важен политички чин и државничко однесување и нагласи дека поддршката на активностите од неговото спроведување треба да бележи континуитет и во иднина.
Радев верува дека договорот отвора нови димензии за евроатлантската перспектива на земјата, и во тој контекст, од особено значење е продолжувањето и интензивирањето на соработката меѓу двата парламента, поконкретно преку групите за соработка и преку парламентарните комисии за европски прашања, надворешна политика и одбрана. Претседателот Радев истакна дека од суштинско значење е соработката меѓу позицијата и опозицијата и консензусот околу стратешките прасшања за дравата, како што е членството во НАТО и ЕУ, посочувајќи го примерот на Собранието на Република Бугарија, кое даде целосна поддршка на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија.
Пратениците од двата парламента укажаа на динамизирање на соработката во домените од заеднички интерес и посочија дека со конкретни активности во овој историски момент, ќе дадат свој придонес и поддршка во заедничките напори за унапредување на билатералната соработка меѓу двете блиски држави и народи и поддршка на реформите на Собранието на Република Македонија во евроатлантските интеграции.
На средбата, од бугарска страна присуствуваа: Кристијан Вигенин, претседател на Комисијата за европски прашања и контрола на европските фондови; Борис Борисов, претседател на Групата за пријателство Бугарија – Македонија, како и пратениците од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Бугарија: Фросина Ташевска-Ременски, Илија Николовски и Реџаиљ Исмаили, членови на Групата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.