Daily news
Царинската управа заплени храна, алкохол и фалсификати
Во текот на минатата недела царинските службеници спречија неколку обиди за шверцување разна стока, при што привремено се задржани замрзнато пилешко месо, пиво, облека и фалсификати.
Задржани се 4.200 килограми замрзнат пилешки стек откриен од страна на мобилните царински тимови при контрола на македонски камион управуван од македонски државјанин пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица. Возачот, управувајќи камион на кој бил натоварен контејнер, пријавил дека превезува празен контејнер што треба да го врати на пристаништето во Солун. Сепак, царинските службеници го селектирале возилото за контрола и во внатрешноста на контејнерот забележале преправки во предниот дел, каде што откриле специјално направен преграден простор наполнет со 350 пакети со замрзнато месо. Непријавеното месо, чија вредност е проценета на речиси 338 илјади денари, е привремено задржано, а против возачот ќе биде поднесена кривична пријава поради сомневање дека сторил кривично дело шверцување.
Царинската управа запленила и 166 литри пиво (363 шишиња од 0,5 и 0,33 литри) од разновидни марки, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин. Непријавеното пиво, пронајдено во три куфери, три ранци и во неколку пластични кеси и картонски кутии, сместени под предните и задните седишта и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Од облека и модни додатоци запленети биле 160 парчиња детска облека (хеланки, пижами, фустани, маици, блузи, шпилхозни и долна облека), откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин. Непријавените производи пронајдени во една торба и еден куфер, сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Запленети се и 124 парчиња облека, ташни, паричници, бижутерија, шминки и украсни кутии откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени зад предните седишта и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.
Царинската управа запленила и 77 чифта очила за сонце со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во царинската филијала „Аеродром Скопје“ – отсек за стоково царинење, при контрола на пратка од Сингапур наменета за физичко лице од Косово.
Поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, очилата се привремено задржани и во согласност со законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.