Daily news
Заев за „Шпигел“: Промена на Уставот и име без превод е неприфатливо
Премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот магазин „Шпигел“ го отфрла предлогот за менување на името на државата со име што нема да биде преведено, исто како и промена на Уставот. „Не сакам ни да помислам дека нема да успееме да најдеме решение во спорот за името“, вели Заев.
Новинарот на „Шпигел“ разговорот го започнува со прашање до Заев дали има нешто против доколку тој му го даде името Зоран на својот син и дали тоа би го загрозило идентитетот на македонскиот премиер? „Секако, не“, вели Заев. „Зоран е име што постои во многу земји од Југоисточна Европа, не само во Македонија“. Прашањето е, секако, вовед во посериозниот проблем, оној меѓу Македонија и Грција за името.
Разговорот е воден неколку часа по средбата на Заев со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин. На прашањето дали германската влада треба поактивно да учествува во разговорите, Заев вели: „Мислам дека на обете страни – и на македонската и грчката – им се потребни поддршка и охрабрување. Но, да се врши притисок врз која било од страните не е исправниот пат. Никој не може да ни ја одземе самостојната и суверена одлука во спорот за името“.
Во однос на можните територијални претензии на кои предупредува Грција, Заев вели дека единствените претензии од Македонија се насочени кон грчките плажи. „Да, ние сакаме налето да ги окупираме убавите грчки плажи и острови. Повеќе од еден милион Македонци секоја година патуваат во Грција, таму ги трошиме нашите пари, ја сакаме Грција, има многу контакти меѓу бизнисмените и туристите. Но, искрено: немаме никакви други окупациски намери“.
Предлозите што деновиве се слушаат од грчки политичари за менување на името на државата со име што нема да биде преведено, за Заев се неприфатливи. „Не можам да препознаам разумни аргументи за такво нешто. Како тоа практично би изгледало да не се преведува нашето име? Дали треба да ги натераме канцеларката Меркел или претседателот на САД, Доналд Трамп, да нè нарекуваат, на пример, Severna Makedonija? Таков пример нема никаде во светот“, вели Заев.
Сличен е ставот на македонскиот премиер и во однос на барањата за промени во Уставот, односно за промена на уставното име. „Ова име е нашата гордост и нашиот идентитет. Не гледам никаква причина за барањето, името да го менуваме во Уставот, тоа не е достоинствено. На Грција ѝ потребен доверлив партнер, а не партнер без достоинство. Уставот може да се промени, но тие промени би можеле повторно да се изменат. Најважната гаранција за Грција е решението за спорот за името да биде одржливо. Тоа се прави со меѓународни договори, кои се ратификуваат и важат и во меѓународните организации“, вели Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.