Култура
Синдикалците во културата бараат да се смени законот – забелешки имаат и за националната стратегија за култура
Ако се донесе нов закон за култура ќе се стави крај на законот што ја става во ригидна рамка творечката слобода и ги поттикнува уметниците на политичка манипулација, тврдат од Синдикатот на културата што денеска преку соопштение упати неколку барања до Министерствата за култура, за информатичко општество и администрација и за финансии.
Освен барање да се смени законот, синдикалците бараат да се пролонгира рокот (31.03.2018 г.) за изготвување систематизации, за доделување решенија за распределување на вработените и за одобрување средства за порамнување на платите во различните дејности на културата и за унапредувањето на вработените кои стекнале стручни и уметнички звања.
„Во последниве месеци имаме нова власт која сè уште нема променето ништо по однос на законите, а намерата на власта за имплементација на одредбите од некои закони само би ги продлабочила нашите проблеми во работниот однос. Затоа, како синдикат, сметаме дека е наша обврска и должност јавно да ги артикулираме нашите проблеми и да упатиме барања до министерствата под чија надлежност припаѓаме“, велат од Синдикатот.
Донесувањето нов закон, според нив, ќе овозможи и донесување нов колективен договор во кој ќе се решат моменталните проблеми од работниот однос, велат од Синдикатот реагирајќи до Министерството за култура, при што исто така изразуваат разочарување од Националната стратегија во делот за театарска дејност.
„Систематизациите се изготвувани селективно, забележани се законски пропусти како измислени работни места, противзаконски услови за напредок во кариерата и неадекватни распоредувања на вработените од едно на друго работно место. Во оваа насока, бараме министерството да испрати допис до директорите на институциите со директива да бидат изготвени нови систематизации во кои ќе бидат вклучени синдикалните претставници и носителите на дејноста. Потоа, да се направат соодветни промени во каталогот на работни места, а вработените да бидат распоредени на работни места соодветни на нивното знаење и стручност“, истакнуваат од Синдикатот.
Од Министерството за финансии се бара одобрување средства за порамнување на платите во различните дејности на културата и за унапредувањето на вработените кои стекнале стручни и уметнички звања.
„Вработените во институциите од културата речиси десет години се спречени да бидат исплатени за својот стручен и уметнички напредок кој е формално потврден од Министерството за култура, но не е финансиски валоризиран поради ставот на Министерството за финансии за забрана на вертикални унапредувања. Па така, вработените кои добиле решенија за повисоко стручно звање или уметничка категорија добиваат одговор од Министерството за култура дека платите ќе им бидат регулирани според новите звања и категории откако Министерството за финансии ќе одобри средства за истото, без да биде наведен рок, се вели во соооштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.
Култура
„Куќата на границата“, во режија на Андреј Цветановски, вечерва на МОТ
„Куќата на границата“ на Регионалниот театар од Нови Пазар е на репертоарот на вториот ден (20.11.2025) на МОТ, дело на Славомир Мрожек, во режија на нашиот Андреј Цветановски.
„Куќа на граница е приказна која зборува за една фамилија која сака само да живее мирно, и одеднаш во нејзиниот дом се појавуваат дипломати кои сакаат да нацртаат граница која поминува насред куќата. Звучи познато нели? Оваа фамилијарна драма зборува за одземање сé што имаат, сонуваат, зборуваат и замислуваат, се додека не останат без ништо. Низ оваа горка комедија ќе видите многу паралели со начинот на кој денешниот свет функционира“ – вели Цветановски.
Претставата е одлична илустрација за тоа до кој степен сме способни да се понижиме себеси, слепо почитувајќи ги бесмислените бирократски норми на „новиот“ свет, кој од нас треба да направи покондурени господа.
Како креативен македонски тим на претставата покрај режисерот се и Димитар Андоновски автор на музиката и Сергеј Светозарев на сценографијата.
Претставата ќе биде изведена на сцената 25 Мај, МКЦ во 20 часот.
А пред неа во 19 часот во холот на МКЦ ќе биде поставена уметничката инсталација „Сценариум и имагинариум“ на архитектот и сценографот Костантин Трпеноски, која на границата помеѓу реалното и имигинарното нуди визуелно и сензорно доживување на просторот во холот на МКЦ. Настанот е воедно и ретроспективен поглед на неговите театарски сценографии „Чудна случка со кучето во ноќта“ (2023) и „Макбет“ (2019), двете наградени за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и приказ на други негови актуелни сценски дизајни.

