Македонија
(Видео) Нови скандали кај сметководителите, седница зад заклучени врати во „Континентал“, закани со полиција и обвинувања за непотизам
Долгонајавуваното самораспуштање на сите тела на Институтот на сметководители и овластени сметководители со цел да се справат со непотизмот утврден во речиси сите органи не се случи ни на денешната седница иако било ставено како точка на дневниот ред. Сметководителите обвинуваат дека нивните колеги кои се против самораспуштање кренале тензија и ги исклучиле од седницата сите оние кои се согласиле да си поднесат оставки.
Пред да стигнат до точката за оставки претседавачот ја прекинал седницата и најавил пауза, а по паузата седницата ја продолжиле само дел од членовите на Собранието. На другите, меѓу кои и членови на Управниот одбор кои го подготвиле дневниот ред и материјалот за седницата, не им било дозволено да влезат. Седницата продолжила зад заклучени врати.
„Требаше Собранието да донесе одлука Управниот одбор да објави оглас за именување нови членови на Управен одбор, Надзорен одбор и членови на Собрание. Меѓутоа, Собранието, откако Верификациската комисија го констатира бројот на членовите, почна да се одвива во други насоки. Беше најавен прекин од 30 минути, за по тоа и на членовите на Управниот одбор и на другите наши колеги од цела Македонија како јавност да не им биде дозволено присуство на тоа Собрание. Собранието сега се одвива во некоја сала, заклучени се и ќе се настојува, и тоа беше најавено на почетокот на состанокот, членовите на подружниците да не си дадат оставка. Тоа значи, таквите нетранспарентно избрани членови на подружници да останат и да го водат Собранието на Институтот. И така избраните членови на подружниците да изберат Надзорен одбор, а таквиот нетранспарентно избран надзорен одбор да избере нов Управен одбор. Некој упорно сака нетранспарентно избраното Собрание во 2016 година да остане и натаму“, вели Јован Златевски, член на Управениот одбор на Институтот.
Тој заедно со уште триесетина сметководители, иако поканет на седницата, остана надвор бидејќи по паузата не му бил дозволен влез во салата, а обезбедувањето се заканило дека ќе викне полиција ако инсистира да влезе.
Самораспуштање на Собранието и на сите тела на Институтот и избор на нови членови и лица на раководни позиции сметководителите договараат од минатата година. До ова решение дошле откако Министерството за финансии по извршен надзор во органите кои управуваат со Институтот утврди непотизам и нетранспарентна постапка при изборот на членовите. Состаноците со главна тема самораспуштање биле интензивирани од почетокот на годинава.
„На претходните состаноци што ги имавме од почетокот на годината досега, подружниците имаа состаноци низ цела Македонија, едногласна беше одлуката сите самоиницијативно да се разрешат. Правната служба требаше да каже точно како тоа да биде. Тука настана проблемот, уште на почетокот на седницата. Претседавачот, најстариот член на Собранието, почна да реагира дека не е возможно, немало закон за разрешување на членовите на Собрание и тука настана револт, а потоа беше прогласена пауза“, вели сметководителката Билјана Премуш од скопската подружница на која не ѝ беше доволено да се врати во салата по паузата.
Оставки на денешната седница не се случија. Откако обезбедувањето ја отклучи вратата во хотелот „Континентал“ зад која се одвиваше седницата, сметководителите кои беа внатре соопштија дека изгласале нов дневен ред на кој немало точка за самораспуштање на Собранието.
„Дневниот ред што ни беше понуден од страна на претседателот на Управниот одбор на ИСОС беше без никакви материјали, без никакви подготовки, без никакви претходни согледувања од страна на Надзорниот одбор за да можеме ние да одлучуваме. Го отфрливме тој дневен ред и прифативме нов дневен ред со две точки. Втората нормално секогаш е разно, а првата е третпат поднесување иницијатива за разрешување на претседателот на Управниот одбор, меѓутоа сега и на Управниот одбор на Институтот. Ние сакаме сè што е во овој институт да си поднесе одговорност, да се тргне и нормално потоа да си дојдат нови лица на овие одлучувачки функции, а потоа дали има правен начин, и кој е правниот начин да се сменат и овие 50 членови на Собрание. Или, пак, ако сакате изберете ги или не ги избирајте, меѓутоа ти да донесеш цел институт од 8 000 членови со огромни финансиски средства на ниво небаре е ова сега некое здружение на љубители на птици па ќе се распуштаме, ќе се самораспуштаме. Кој го знае правниот начин го знае, кој не го знае ќе треба да го научи“, рече Златко Митрески во име на сметководителите кои расправаа зад заклучени врати.
Членовите на Управниот одбор кои биле разрешувани на денешната седница тврдат дека материјалите за самораспуштање на Собранието на сите им биле уредно доставени, а ги донеле и на денешната седница. Обвинувањата за претседателката на Управниот одбор велат дека се беспредметни бидејќи таа сама утрово поднела неотповиклива оставка од функцијата кај министерот за финансии, па немало потреба од нејзино разрешување. Тие тврдат дека за да може Институтот професионално да функционира, неопходно е сите членови во Собранието да си дадат оставки и на нивно место да се изберат нови, па дури потоа да се избираат нови органи. Сегашните членови, како што велат, посебно оние кои денеска останале на седницата, сите биле роднински поврзани.
„Ние имавме состаноци по подружниците каде што, во подружницата во Скопје, на четири состаноци дојдоа само четири претставници од Собрание, значи останатите 11 не ги видовме. Ќе ве замолам да проверите колку од нив се роднински исповрзани и во какви функции се. Во Битолскиот регион беа присутни сите претставници, во Прилеп беа присутни сите претставници, во Велес беа сите претставници, во Штип беа присутни сите претставници, во Куманово беа присутни сите претставници, во Тетово немаше претставници од Собранието, таму се членови мајка и син, братот близнак е член на Надзорен одбор, претседателот на Надзорниот одбор си има своја вработена во Собранието, синот на еден претставник од Собранието каде што се пет члена е член на Надзорен одбор, бившиот претседател си има двајца во Собранието. Ова е вторпат како нè разрешуваат. Првиот пат беше нелегитимно разрешување, ако малку се распрашате ќе дојдете до сознание дека таму се потпишуваа луѓе кај ќе стасаа, по патишта, а нашето Собрание и министерот оценија дека така не се разрешува, но ако ги прашате нив ќе ви речат дека не треба за нас мислење од министерот, требало само за претседателката. Не е проблем, ние во секој случај одлучивме да ѝ дадеме шанса на професијата, не да си дадеме лична шанса, своја, ние секако поднесуваме оставка“, рече сметководителот Тихомир Мурџоски, член на Управен одбор.
Сметководителите на кои денес не им беше дозволен влез на седницата велат дека ќе ги сметаат за нелегитимни одлуките донесени зад заклучени врати. Голем дел од поканетите сметководители, пак, воопшто и не го чекале резултатот од седницата. Си заминале по паузата откако увиделе дека бробата против непотизмот во нивните редови е невозможна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денес Безбеден град казнува, со три забрани за возење ја губите возачката дозвола
На територија на Скопје, Куманово и Тетово и на коридорите 8 и 10 од денеска стартува имплементацијата на системот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци – „Безбеден град“. Во првата фаза системот ќе детектира четири типични сообраќајни прекршоци – непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување на возило со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера подвлече дека системот Безбеден град не е за парично да ги оштети граѓаните, туку да спаси човечки живот плус. Тој воедно информира дека е донесен нов Правилник со кој е зголемен прагот на толеранцијата кон возачите во однос брзината на управување на моторно возило.
-Во изминатиот период имаше огромен број на забелешки затоа што во првичниот период немаше толеранцијата во рамки на опоменувањето на граѓаните и воведовме толеранција која што беше важечка во рамки на важечка легислатива од 6 км/ч кога управувате мотторно возило до 100, а над 100 тогаш 8км/ч. Правилникот кој е во надлежност на Министерството за енергетика, во консултација со екперти, професори, со луѓе од министерството за енергетика и од Министерството за внатрешни работи се измени овој правилник и стапи во сила во текот на вчерашниот ден со тоа што сега за брзини до 50км/ч останува како што беше и претходно, толеранција од 6км/ч. Тоа значи дека ако возите моторно возило таму каде што имаме знак од 30 км/ч, со 36км/ч камерата нема да ве евидентира за сторен сообраќаен прекршок, туку ќе ве евидентира од 37км/ч. Од 50 до 100 км/ч толеранцијата законски согласно новиот правилник е 9км/ч, тоа значи дека ако управувате моторно возило таму каде што е дозвилено до 50км/ч, со 51км/ч камерата ќе ве евидентира и ќе ви прати порака, односно ќе ве казни системот доколку управувате моторно возило со 60км/ч. Таму каде што имаме ограничување од 100км/ч а се управува возило со над 101км/ч моторно возило камерата ќе ве идентификува со толеранција од 12км/ч, значи таму би биле санкционирани доколку е дозовлено да речеме 100км/ч, а вие управувате на пример со 113км/ч. Овие толеранции се дефинирани во рамки на правилник под Министерството за енергетика и сметаме дека се апсолутно прифатливи се со цел овој систем да го заживееме се со цел да спасиме ден човечки живот повеќе, а притоа да ги увериме граѓаните дека целта не ни е казнување, туку целта ни е помалку повредени, помалку сообраќајни незгоди, помалку загуби на човечки животи – потенцира Тошковски.
Министерот во овој контекст најави и уште еден проект кој ќе се имлементира во наредните денови со поддршка на Македонски телеком.
-За сите овие прекршоци кои се сторуваат во рамки на толеранцијата, значи ако е забрането над 30км/ч од 30-36км/ч, ако е забрането над 50км/ч од 50-59км/ч ќе доставуваме информативна порака од страна на Министерството за внатрешни работи до секој еден граѓанин кој што ја пречекорил брзината со која што ќе им го привлечеме вниманието на граѓаните дека и покрај тоа што возат во рамки на законската толеранција која што е дозволена нема да има парична казна, односно нема да има прекршок, тие надминуваат над законски уврдената брзина со што доколку не дај боже било кој граѓанин управува моторно возило и стори сообраќаен прекршок со 55км/ч таму каде што е дозволено да се управува моторно возило максимум со 50км/ч и притоа повреди пешак со тешки телесни повреди, ќе одговара кривично – заклучи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Од Министерството за внатрешни работи потенцираат дека „Безбеден град“ претставува една од најзначајните инвестиции во сообраќајната безбедност во последните децении и дека системот е насочен кон оние кои свесно ги кршат правилата, а не кон совесните возачи. Според нив, камерите не простуваат, но и не дискриминираат – секој прекршок се третира исто, без разлика кој е зад воланот.
Согласно законското решение за санкционирање на пречекорувањето на дозволената брзина, глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози. За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. за 20 до 30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку една година. Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.
За сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.
Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола казната е 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.
За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. После овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.
Македонија
Облачно со повремени врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата (над 20л/м2). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во текот на денот врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 3 до 8 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините од снег се очекуваат во четврток и петок. Дневната температура од вторник ќе биде во пораст.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.

