Европа
Кремљ: Русија не планира насочени напади во Украина
Кремљ во понеделникот ги демантираше написите во дел од рускиот печат дека официјална Москва ја разгледува можноста за „насочени напади“ на украинската територија, откако од таму беше гранатирана станбена населба во рускиот пограничен град Донецк во Ростовската област при што загина еден цивил а ранети се две жени, што е повторување на неколку претходни случаи за коишто руската страна го предупреди Киев.
Рускиот дневен весник Коммерсант објави во понеделникот дека Москва ја разгледува можноста за „насочени напади“ поради гранатирањата од украинска територија. Повикувајќи се на неименуван извор во Кремљ, весникот пишува дека Москва „точно знае од каде се изведени нападите“.
„Нашето трпение има граници“, рекол соговорникот на весникот додавајќи дека Русија нема да презема акција од големи размери, туку дека тоа ќе бидат „исклучиво насочени селективни напади врз позициите од кои се извршени нападите врз руска територија“, што е всушност слично на одговорите на израелските и турските сили кога во нивните територии паѓаат проектили истрелани во судирите во конфликтот во соседна Сирија.
Меѓутоа, портпаролот на Кремљ ги демантираше ваквите написи. „Информациите според коишто Русија ја разгледува можноста за напад (на украинска територија) немаа никаква смисла и целосно се нереални“, изјави за американската агенција Bloomberg, Дмитриј Песков. Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин истакнал дека „усија не разгледува никакви напади врз Украина“.
Во неделата руското министерство за надворешни работи испрати остар протест до Киев поради гранатирањето на руското погранично место Донецк во Ростовската област, во кое загина еден маж а две жени беа ранети, што според Москва е повторување на неколку претходни случаи во кои немаше човечки жртви, како и поради нарушувањето на рускиот воздушен простор од страна на украинските борбени авиони кои дејствуваат врз позициите на проруските бунтовници од другата страна на границата. Москва вендаш го предупреди Киев на жесток одговор и можни „несогледливи последици“ поради повторувањето на ваквите инциденти предизвикани од украинската армија.
Претходно Русија упати остар протест во четвртокот до Украина откако украинската армија со артилериски оган го гаѓала граничниот премин „Гуково“ меѓу двете земји и предупреди дека сличните акции ќе предизвикаат „последици“. Москва повеќепати досега се жалеше дека граничните премини биле цел на артилериски напади од украинската територија, а кон крајот на јуни беа заробени и две оклопни возила на украинската армија кои ја минале граничната линија и навлегле во руската територија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

