Топ
Дваесет и четиригодишно момче почина играјќи фудбал во Кисела Вода
Дваесет и четиригодишно момче почина играјќи фудбал во скопската населба Кисела Вода. Како што дознава „Макфакс“, за време на играта тој се пожалил дека не се чувствува добро, по што паднал на земја.
Во близина на настанот имало лекар, кој веднаш притрчал и му прижил прва помош на момчето, кое не покажувало знаци на живот. Веднаш била повикана Брза помош, лекарите се обиделе да му помогнат со реанимација, но биле безуспешни сите обиди, по што била констатирана неговата смрт.
Според првичните информации, околу 19.30 во полиција било пријавено дека на игралиштето на последна автбуска постојка број 4, во населбата 11 Октомври додека играле фудбал му се слошило на момчето, паднало и починало. Констатирана е смрт од страна на лекар од Итна медцинска помош. Извршен е увид од страна на скопската полиција и се чека јавен обвинител да даде насоки дали телото ќе биде дадено на обдукција, потврдуваат од полицијата за „Макфакс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Mицкоски очекува добри вести во наредните денови од САД
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува наскоро добри вести за македонските граѓани од САД.
Тој појасни дека суспендирањето на визите за 75 земји, меѓу кои и Македонија, не ги опфаќа визите за потребите на студирањето и туристичките посети, туку само оние кои се однесуваат на имиграција.
„Мислам дека во деновите кои следат ќе има добри вести за македонските граѓани кога станува збор за ваквов тип на односи помеѓу нашиот стратешки партнер“, рече Мицкоски.
Во таа насока изрази и разочараност од однесувањето на опозицијата.
„Жалам што опозицијата, по жестоките и рафални критики кон Обединетото Кралство, тоа го прави сега и со САД. Неодамна кога беа наметнати оние трговски тарифи од 30 до 35 отсто, истите тие кои јас ги нареков талог на општеството во политиката поитаа да го навредуваат САД, а ги немаше да се извинуваат кога стапката се намали на 15 проценти“, рече премиерот.
Мицкоски очекува позитивен исход.
„Јас би бил внимателен и трпелив и очекувам добри вести“, додаде.
Македонија
Запленети пиштоли, едно лице е во притвор, спречен обид за сериозен меѓународен криминал, соопшти Царинската управа
Царинската управа соопшти дека е спречен обид за сериозен меѓународен криминал, при што биле запленети девет пиштоли од кои пет со голема пробивна моќ, а едно лице, македонски државјанин, е лишено од слобода и се наоѓа во притвор.
„Делото е откриено во вторникот вечерта од страна на царински службеници на граничниот премин Богородица, на излез од државата, при детален претрес на возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин при што во кровот, помеѓу лимот и тапацирот, се пронајдени пиштоли од марката „Црвена Застава“.
Случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кое го лиши од слобода лицето, и по преземање предистражни дејствија против него е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело „неовластено држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“, казниво согласно Кривичниот законик. По наредба на јавен обвинител, лицето се наоѓа во притвор, а истрагата е во тек“.
Македонија
Земјотрес од Албанија почувствуван во Охрид и Струга
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија денеска во 11 часот и 28 минути регистрира земјотрес со епицентар во соседна Република Албанија, на околу 155 километри југозападно од Скопје.
Како што информира Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математички факултет, земјотресот имал локална Рихтерова магнитуда од ML 3,8.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, потресот бил почувствуван во Охрид, Струга и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Од Сеизмолошката опсерваторија апелираат граѓаните кои го почувствувале земјотресот, за потребите на сеизмолошките истражувања, да го пополнат прашалникот за почувствуваност на официјалната интернет-страница на опсерваторијата или да се јават на бројот 112.

