Црна хроника
Откриени царински измами и запленети девизи, облека, природен лек, фалсификати…
Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија 3 царински измами и еден акцизен прекршок, како и повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, облека, платно, заштитни маски и ракавици, природен лек и фалсификати.
При личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи патничко возило со македонски регистарски таблички се пријавил за излез од државата на граничниот премин Блаце, биле откриени 12.300 евра.
Возачот, не застанувајќи за царинска контрола, се упатил на пасошката контрола, од каде бил вратен назад. На прашање на царинските службеници дали има да пријави девизи, тој изјавил дека со себе носи 14.300 евра, што било утврдено при извршениот личен претрес.
Поради тоа што не поседувал документ за потекло на девизите, на патникот му се вратени 2.000 евра, сума што резидент може слободно да ја изнесе од државата.
При личен претрес на македонска државјанка, која како сопатник во патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, се пријавила за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, од страна на мобилните царински тимови биле откриени 6.500 евра.
Во градникот на патничката се пронајдени 16.500 евра, од кои 10.000 евра, износ што резидент може слободно да го внесе во државата, ѝ се вратени.
На царинската испостава Гевгелија откриен е еден обид за избегнување плаќање царински давачки со погрешно тарифирање на стока и еден обид на намерно погрешно тарифирање на стока со цел избегнување на примена на мерки на трговска политика.
Во првиот случај, фирма увозник од Кичево пријавила за увозно царинење стаклени плочки, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 8 проценти и стапка за ДДВ од 18 проценти, но при физичкиот преглед на стоката, царинските службеници утврдиле дека се работи за мозаик плочки, што според царинската тарифа се распоредуваат во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 5 проценти и стапка за ДДВ од 18 проценти.
Врз основа на новоутврдената состојба, пресметани се дополнителни давачки во износ од околу 34 илјади денари.
Во вториот случај, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење влошки и кертриџи за филтри, декларирани во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 5 проценти и стапка за ДДВ од 18проценти.
При контрола на стоката, царинските службеници утврдиле дека дел од стоката, за која согласно царинската тарифа се потребни дозволи за увоз, е погрешно декларирана.
Станува збор за 230 филтри за вода и 44 делови за филтри, за што е потребна согласност за увоз од Агенцијата за храна и ветеринарство, и 12 апарати за чистење на усна шуплина, за што е потребна дозвола за увоз од Биро за лекови, како посебни мерки од интерес на безбедноста и здравјето на луѓето.
Против фирмата увозник се изготвени записници за распоредување на стоката според царинската тарифа и утврдени основи за примена на мерките на трговска политика. Поведена е прекршочна постапка за утврдување на неговата одговорност.
На царинската испостава Скопје 2 откриен е обид за избегнување плаќање увозни давачки, со погрешно тарифирање на стока. Увозник од Скопје пријавил за увозно царинење водоотпорна иверка, декларирана во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 0 отсто и стапка за ДДВ од 18 проценти, но при преглед на стоката утврдено е дека се работи за дрвени оплати за бетонски работи, што се распоредуваат во сосема друга тарифна ознака за што се пропишани стапка за царински давачки од 15 проценти и стапка за ДДВ од 18 проценти.
Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се избегнати увозни давачки од околу 145 илјади денари./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

