Македонија
Во „Канал5+“ бил вработен само директорот – Агенцијата за медиуми предложи да ѝ биде одземена дозволата

Директорот на Агенцијата за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги на Советот му предложи да ѝ биде одземена дозволата за телевизиско емитување на телевизијата „Канал5+“ поради неисполнување на одредби од Правилникот за минималните кадровски, технички, финансиски и просторни услови за работа.
Наместо во телевизијата да работат 30 лица, од кои, 10 треба да бидат новинари со завршено високо образование, во медиумот бил вработен само директорот. Агенцијата во неколку наврати се обидувала да добие известување од телевизијата, но освен привиот одговор, сите останати биле игнорирани.
„Канал 5+“, заедно со А2 телевизија и Сител 3 плус беа првите приватни телевизии со сателитска национална концесија кои започнаа со емитување програма во 2008 година.
Телевизијата во првата година имаше информативна редакција. По само неколку месеци уредниците и новинарите беа отпуштени, а телевизијата, и покрај обврската да емитува сопствена програма, продолжи да ги презема вестите од сестринската „Канал 5“, со посебен водител.
Според платформата „Медиа Педиа“, сопственот на овој медиум биле компаниите на поранешниот пратеник Борислав Стојменов. Во 2012 тој ја продал телевизијата на извесен Дејан Митев кога Агенцијата за медиуми започна да го спроведува членот од законот со кој што се забранува политики функционери и членови на нивните семејства да поседуваат телевизии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.