Европа
Украина не го пушта рускиот хуманитарен конвој
Украина нема да го пушти на својата територија никаков хуманитарен конвој наменет за источните проруски побунети региони, изјави во средата министерот за внатрешни работи Арсен Аваков, во очигледната намера на Киев да предизвика притисок врз проруските бунтовници кои не може воено д аги порази со предизвикување хуманитарна катастрофа во двата бунтовнички центра Луганск и Донецк.
„Никакво Путинов ’хуманитарен конвој’ нема да мине низ областа на Харков“ во севеороисточна Украина каде што првично по инсистирање на украинското министерство за надворешни работи беше одредено на украинска територија да мине рускиот хуманитарен конвој со 287 камион и две илјади тони основни продукти, храна, вода, лекови и генератори.
Украина може да прими која било хуманитарна помош само во соработка со меѓународното право и само од Меѓународниот комитет на Црвениот крст, изјави во средата украинскиот премиер Арсениј Јаценјуик во средата кога се очекува рускиот хуманитарен конвој да пристигна на украинската граница и покрај тоа што во вторникот Киев позитивно и’ одговори на Москва на барањето за доставување на две илјади тони помош во источна Украина каде траат судирите меѓу украинската армија проруските бунтовници откако беа прецизирани сите поединости за содржината на пратката, начинот на транспортот и маршрутата, како и начинот на делење.
„Секаков вид хуманитарна помош Украина може да прими исклучително во рамките на меѓународното право и исклучително од Црвениот крст“, изјавил Јаценјук во средат на отворањето на седницата на неговиот владин кабинет. „Рускиот цинизам нема крај. Прво ни испраќаат тенкови, минофрлачи и бандити кои убиваат Украинци, а пора ни испраќаат вода и сол“, додаде.
Портпаролот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Киев изјави дека разговорите за руската хуманитарна помош „уште се во тек“. „Потребни се повеќе поединости за составот на конвојот. Конвојот е на пат и ICRC не беше во можноста да провери од што се состои товарот“, додал.
Се очекува конвојот подолг од три километра да пристигне до украинската граница во средата навечер.
Тоа очигледно зборува дека Киев сака да го одложи донесувањето на хуманитарната помош до загрозеното население во Луганск и Донецк кое повеќе од десет дена е без електрична енергија, вода за пиење и лекови, а потрошени се и резервите од храна и гориво, со што врши притисок врз проруските бунтовници кои и по четири месеци воено не може да ги порази.
Вашингтон ноќта кон средата објави дека по консултациите со Киев, САД изразија подготвеноста да го одобрат пуштањето на конвојот под услов да биде прегледан на границата и дистрибуцијата на помошта да му биде доверена на Црвениот крст.
САД и нивните европски сојузници изразија загриженост поради хуманитарниот конвој кој тргна кон Украина, откако доби и формално одобрување од властите во Киев. Москва тврди дека во камионите се наоѓа исклучиво продукти кои се наменети за цивилното население во со воените дејствија зафатени области во источна Украина, и дека според договорот во секое возило ќе има претставник на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на Украина.
Москва претходно објави дека со украинските власти и меѓународните организации ги договориле сите детали, па дури и ја прифатила рутата на киевските власти, којашто значително и во километража и временски го продолжува времетраењето на хуманитарната операција, поради што и украинските власти се откажаа од барањето за претоварување на товарот од сите 287 руски на украински камиони.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека се вклучува во распределбата на помошта доколку се почитуваат принципите на неутралност и непристрасност, што значи дека треба да добие гаранција за безбеден премин преку украинската територија за неговите невооружени придружници на конвојот.
Конвојот во прв ред е наменет за Луганск, каде што околу 400 илјади цивили се без струја вода. Локалните цивилни власти уште на почетокот на август предупредија дека поради насочените напади на украинската армија врз цивилната инфраструктура на ова бунтовничко упориште, градот е на работ од хуманитарна катастрофа, лишен од вода, храна, струја, дури и основни лекови, и снабдување со прехранбени производи. Резервите се исцрпени речиси и за безбедносните сили, што најверојатно е и целта на украинското и на неговите западни сојузни одолговлекување со дозволувањето на доставување на хуманитарната помош како и со промената на одобрената маршрута којашто претпоставува патување на конвојот за речиси два дена. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

