Топ
Кривична пријава против Јанкулоска поради незаконски вработувања во МВР
Секторот за внатрешни работи Куманово до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријава против поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Во текот на 2012 година ексминистерката во повеќе наврати, избегнувајќи ја законската регулатива за вработување приправници во отворена и јавна постапка со објавување јавен оглас, се обратила до Министерството за финансии со барање за обезбедување финансиски средства за вработување 70 лица – приправници со високо образование и 30 лица -приправници со средно образование. Притоа, во барањето посочила дека за пет работни места со високо образование ќе биде објавен јавен оглас, а за 65 приправници со високо образование и 30 приправници со завршено средно образование вработувањето ќе се изврши без објавување на јавен оглас, со обезбедување финансиски средства за бруто-плата за 30 приправници со средно образование во висина од 15.028 денари за вработено лице“, се наведува во соопштението на МВР.
Според информациите, ексминистерката Јанкулоска на 6. 6. 2012 година, за работното место за кое е предвидено четиригодишно стручно образование, вработила лице – сопруга на висок полициски функционер во МВР, која е со несоодветно образование, односно со тригодишно средно образование, за што склучила договор за вработување, со целосен износ на месечна плата од 620 бода, без внесена клаузула приправник.
На тој начин, како што се наведува, бил избегнат задолжителниот намален износ на исплата на месечна плата додека трае приправничкиот стаж, со што пријавената ги оштетила МВР и буџетските средства во периодот од 6. 6. 2012 година досега во вкупен износ од 1.724.885 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски и Ѓорѓиевски во вечерна обиколка на Скопје: Се беше чисто и средено како што доликува
Премиерот Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил објави дека заедно со градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски биле во вечерна обиколка на градот.
„Вечерна обиколка на плоштадот и дел од Градскиот парк. Се беше чисто и средено како што доликува за нашето Скопје!
Го посетивме и Луна Паркот за кој наскоро се започнува постапка за негова реализација“, напиша Мицкоски.
За вечерната обиколка на социјалните мрежи објави и градоначалникот Ѓорѓиевски.
„Вечерна обиколка на Скопје со премиерот Христијан Мицкоски, кое сега конечно личи на метропола, како што доликува.
Улиците и плоштадите чисти, полни со посетители – ја нема онаа лоша слика на која навикнавме.И никогаш повеќе нема да се повтори“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
Го посетивме, пишува тој, и она што долги години му треба не само на Скопје, туку и на Македонија.
„ Луна Паркот за кој наскоро започнуваме постапка за негова реализација.
Најдоброто, доаѓа“, потенцира градоначалникот на Скопје.
Македонија
Го турнале на земја, го удирале со клоци, го ограбиле, па се обиделе да му го скршат мобилниот телефон: eден осомничен за разбојништво во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 од Кривичниот законик.
Делото го извршил заедно со уште едно лице по кое се трага. На 15 ноември, спроти еден трговски центар во Скопје, двајцата следеле еден оштетен. Во еден момент осомничениот со тупаница го удрил оштетениот по главата, а другиот напаѓач му се заканил со боксирач.
Претурајќи по јакната на нападнатиот пронашле и одзеле 8.800 денари. Го турнале на земја, го удирале со клоци и се обиделе да му го скршат мобилниот телефон, по што избегале.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот 43-годишник.
Европа
Што по падот на Покровск?
Додека Русија фокусира огромни сили врз Покровск во обид конечно да го освои рударскиот град во источна Украина, расте неизвесноста околу текот на војната и подготвеноста на одбраната на Украина. Искористувајќи го магливото време што ги попречува операциите со беспилотни летала, руските сили ја засилуваат својата офанзива за да ја завршат битката што се влече повеќе од една година, објавува „Киев Индепендент“.
Руските сили се приближуваат опасно кон затворање на украинскиот џеб, оставајќи само коридор широк 10 километри за снабдување на Покровск и блискиот Мирноград, според украинската група за мониторинг „ДипСтејт“. Ситуацијата е критична, а претседателот Володимир Зеленски кон крајот на октомври тврдеше дека руските сили во секторот се побројни осум спрема еден. На 12 ноември, 7-миот корпус на украинските воздухопловни-десантни сили призна дека неодамнешниот голем руски напад со лесни возила бил „делумно успешен“.
Откако ќе го освојат она што остана од Покровск, руските сили веројатно ќе се движат кон градот Добропилија на север, според Паси Пароинен, аналитичар од финската организација „Црна птица група“. Според него, Русија би можела да се обиде да навлезе подлабоко во соседниот регион Дњепропетровск кон градот Межово, но главниот фокус веројатно ќе остане на регионот Донецк. Падот на Покровск, клучна железничка и патна раскрсница, би ѝ дал на Русија значителна логистичка предност за идните офанзиви, особено преку автопатот М30 што ги поврзува градовите со запад.
Пароинен верува дека Русија ќе ги засили и нападите врз Костјантинивка, транспортен центар на околу 50 километри североисточно, кој веќе е опкружен од три страни. Австрискиот воен експерт Том Купер верува дека Русија би можела да се обиде да го отсече Краматорск, регионалниот административен центар, со напредување од Покровск кон Павлоград, а истовремено да притиска на север кон Изјум.
Зад Покровск, Украина се чини дека подготвила „многу сложена мрежа“ од противтенковски ровови и пречки познати како „змејови заби“, рече Пароинен, врз основа на сателитски снимки. Иако главните одбранбени утврдувања се изградени, утврдувањата се покажаа како слаба точка за украинската армија во минатото, што стана очигледно по падот на Авдиевка во 2024 година, кога руските сили продолжија брзо да напредуваат.
Состојбата на украинските единици по исцрпувачката битка ќе го одреди темпото на идните конфликти. Пароинен објаснува дека единиците што го бранат Покровск ќе бидат „многу исцрпени и многу слаби“, бидејќи одбраната на еден џеб бара повеќе сили отколку линеарен фронт. Не е јасно дали украинската армија може да си дозволи да испрати свежи резерви, за кои пензионираниот полковник Серхиј Храбски вели дека се она што најмногу ѝ недостасува на армијата.
„Многу ќе зависи од распоредот на украинските сили по Покровск и Мирноград“, рече Пароинен. „Мислам дека клучното прашање е: Дали вредеше да се задржат овие градови, кои сега се многу тешки за одржување и одбрана?“ Доколку одбраната стане премногу скапа, битката би можела да се претвори во војна на исцрпување што ќе и оди во прилог на Русија. Сепак, Пароинен проценува дека падот на градот веројатно нема значително да влијае на остатокот од фронтот, бидејќи Украина веќе го премести својот логистички центар подлабоко во заднината.
Според украинскиот воен аналитичар Олексиј Хетман, Русија се обидува да внесе што е можно повеќе саботажни групи во самиот Покровск за да нападнат одвнатре. Украинскиот 7-ми корпус на 11 ноември објави дека во градот има повеќе од 300 руски војници. Хетман, сепак, предупредува да не се преценуваат можностите на Русија, истакнувајќи дека Русија посветила четвртина од својата армија во битката што се води веќе година и пол.
Купер, сепак, е попесимист. Тој верува дека освојувањето на Покровск, клучна железничка раскрсница, би било од огромно значење за руската армија, која во голема мера се потпира на железницата. „Покровск веројатно ќе биде многу важно место или нешто како центар од каде што тие имаат намера да го продолжат својот напредок“, рече Купер. „Значи, сега прашањето е дали ќе напредуваат во западен или северен правец“.
фото: принтскрин

