Македонија
Единствена Македонија го исклучи од партијата Стефан Влахов Мицов
Извршниот комитет на Единствена Македонија во средата го исклучи од партијата Стефан Влахов Мицов поради докази и факти дека Влахов-Мицов дејствувал на начин кој не одговара на неговиот политички статус во партијата, соопштија од Единствена Македонија. Како што велат од партијата, Владата на Бранко Црвенковски своевремено го назначила Влахов-Мицов на работа во Македонскиот културен центар во Софија, каде имал задача по линијата на работа – македонски врховизам на македонската тајна служба да ги обработува Македонците во Пиринска Македонија. Подоцна, како што се наведува, Влахов Мицов е префрлен во Скопје каде со потпис на тогашниот премиер Црвенковски добива на користење државен стан и вработување во буџетскта институција, а за возврат ја продолжува соработката со тајната служба.
Во периодот на ребрендирањето на Единствена Македонија, а власта уплашена од ориентацијата на партијата за сојуз со Русија која народот масовно ја прифаќа, државната безбедност го инфилтрира Мицов во партијата со цел минирање на кључните партиски активности, заради што е исклучен поради неколку причини:
„По задача Влахов – Мицов се залагаше да не ги подриме и да не излегуваме на протестите пред Собранието во месец јуни, а протестирачите како на пример, Преродба, Македониум, Македонски манифест, Светскиот македонски конгрес, поединци интелектуалци ги етикетираше со најпогрдни зборови за да биде убедлив дека нема потреба од никаква соработка и активност на партијата, да се чекало до септември кога ќе започнала Третата светска војна, но, дојде и септември и ништо не се случи. Дури, се противеше да нема ниту соопштенија и прес конференции, што значи извршувал задача партијата да биде што помалку активна.
По задача Влахов-Мицов беше жесток противник за формирање на Кризниот штаб „Македонија – Бојкотира„ со голем број партии и здруженија. Кога виде дека обединување е направено и Кризниот штаб е оформен, во последен момент неговите ментори го праќаат изненандно на средбата меѓу претседателот Бачев, Солза Грчева од Глас за Македонија, Љупчо Палевски од Трета партија на Македонците и Филип Петровски од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ каде Мицов прави скандал и тоа во јавен локал со неконтролирана кавга со Грчева на лична основа, со цел да спречи по задача семакедонско обединување. И навистина службата успееја преку Мицов со наменската кавга. По ова, Грчева Палевски и Петровски се повлекоа од Кризниот штаб кој за волја на вистината ќе имаше поголема тежина дококу на митинзите на „Македонија-Бојкотира„ во 20-дневната кампања беа со нас Грчева, Палевски и Петровски.
Влахов Мицов бараше Извршниот комитет да донесе одлука за формирање на воено крило во партијата иако знаеше што се е потребно за такво нешто, но, инсистираше барем да имаме одлука и сега станува јасно дека доколку имавме таква формална одлука тајната полиција ќе имаше законска основа да го уапси целото раководство на Единствена Македонија.
Стефан Влахов Мицов на лице место беше фатен како по задача на тајната служба треба оперативно да покрие еден настан на претседателот Бачев во пријателска амбасада иако дури се работеше само за церемонијален настан.
Во текот на референдумската кампања, од Австралија дојде претставник на македонскиот бизнисмен од Австралија Илија Андонов да се запознае со кампањата и во разговорот спомна дека се надева оти парите што ги пуштиле завршија работа во кампањата, на што, зачудено му беше одговорено за какви пари зборува, по што излезе дека парите за референдумот се пуштени на банкарската сметка на Мицов оти истиот рекол наводно така било договорено. Но такви пари никојпат не дојдоа во Кризниот штаб, што значи дека Мицов проневерил и украл пари за референдумската кампања, заради што, се поставува принципеилено прашање – ако Мицов се продал и украл пари кои беа за борба за светото македонско име, односно, да спречиме референдумот да не успее, тогаш што може да се очекува од овој човек кога би бил власт и кога странските центри би му понудиле поткуп во милиони евра?!
Одлуката за исклучување на Мицов ја објавуваме по три дена, од причина што, Мицов беше присутен на Извршниот комитет при исклучувањето каде лично му беа дадени доказите и фактите за неговата дејност против партијата, по што возврати со една реченица дека и тој имал некакви докази, по што претседателот Бачев ја прекина седницата и побара од Мицов на следната седница на Извршниот комитет да покаже се што има, но, Мицов, наместо да донесе некакви докази вчера излезе на еден портал со некакво отворено писмо со лаги, клевети, навреди со цел да го оцрни по задача претседателот Бачев. И толку. Значи излажа, а што може да се очекува од еден кодош на службата која патем му издејстувала и Зоран Заев да ја потпише одлуката Мицов и понатаму да го користи владиниот државен стан доделен своевремено од Црвенковски и да зема плата од буџетска институција.
Како и да е, марионетската влада во Скопје ја отвори и последната карта преку соработници на тајната служба да ја ослабне Единствена Македонија. Тајната служба нема да му помогне на Заев, процесот е тргнат и ништо повеќе не може да ја сопре Единствена Македонија да ја оставри јасно изразената намера на македонскиот народ и поголем дел од граѓаните за историскиот стратешки сојуз со Русија.
Место во Единствена Македонија за оние кои сакаат да имаат двојна улога, да бидат политичари и соработници на тајната служба, повеќе нема да има, Стефан Влахоб Мицов е исклучен, бидејќи ние влегуваме во завршна битка со власта“ се наведува во соопштението од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

