Регион
Член на новата грчка влада сменет за навредливи твитови
Новоизбраната грчка влада која само неколку часа откако ја положи заклетвата во средата, се соочи со првиот проблем бидејќи еден член од кабинетот е обвинет дека објавувал навредливи твитови.
Заменикот министер за инфраструктура и сообраќај, Димитрис Каменос, за кој постојат контрадикторни информации дали е во сродство со челникот на националистичката партија Независни Грци, Панос Каменос, староновиот министер за одбрана, бил замолен да отстапи од функцијата.
„Додека вистината за антисемитските и расистички коментари не се разјасни, заменикот министер ќе ја ублажи ситуацијата со својата оставка“, објави на Twitter Панос Каменос. Според агенцијата ANA, премиерот Алексис Ципрас телефонски разговарал за тоа со министерот за одбрана, пошто следела неговата објава на социјалните мрежи.
Повод за повлекувањето се обвиненијата од неколку членови на владејачката коалицијана радикалната левица Сириза, дека Димитрис Каменос уште во 2013 година објавувал на Twitter антисемитски, расистички и хомофобни објави. Обвинет е и за ултрадесничарски ставови.
Димитрис Каменос не бил достапен за Reuters за коментари. Тој во соопштение објаснува дека за неговите коментари на социјалните мрежи е задолжен тим од помошници и дека неговите профили многу пати биле хакирани. За повеќето контроверзни коментари тврди дека не се вистините и оти истрагата на експертите не дала резултат. Вели дека „во интересот на земјата и нормалното функционирање на новата влада“, поднесува оставка, како и дека истовремено поднел тужба против непознати сторители и „многу скоро ќе победи вистината“./крај/мф/сн
Извор: (© AFP 2015/ Joel Saget)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Регион
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене“ – жена од Србија сведочи за силниот земјотрес
Земјотресот беше многу силен. Кратко, но силно, вели вознемирената Мила Петровиќ од Кладово – место кое утрово го погоди силен земјотрес.
Како што опишува преплашената жена, земјотресот ја исплашил и неа, но и останатите жители на Кладово.
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене. Немаше време за бегство никаде. Сè се тресеше многу. За среќа, тоа беше кратко. Кога се смири, сите излегоа на улица“, раскажува таа за Телеграф.рс.
Земјотресот бил со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од 11 километри.
Колку бил силен, сведочи и фактот што бил почувствуван во Заечар, Неготин, Доњи Милановац, Бор и други градови на истокот на Србија, а некои граѓани го почувствувале и во Ниш.
„Почувствував земјотрес, се тресеше мебелот во куќата“, „Бев во кревет кога почна тресењето“, напишаа граѓаните.
Регион
Земјотрес од 4,3 степени утрово во Србија
Утрово земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала е регистриран во регионот на Кладово, соопшти Републичкиот сеизмолошки завод.
Земјотресите со ваков интензитет можат да предизвикаат помали оштетувања на зградите во епицентралното подрачје, јавуваат српските медиуми.
Засега нема извештаи за евентуална штета.